вторник, февруари 22, 2011

Ранохристијанскиот црковен епископат во Македонја во IV век




Резиме

По признавањето на христијанството за рамноправна религија
биле отстранети сите правни пречки за нејзино слободно исповедање.
Сега биле создадени сите неопходни услови за брз развој на Црквата.
Во новите услови за мошне кусо време дошло до консолидирање на
постоечките христијански општини во македонските градови и создавање
на цврста и добро организирана црковна мрежа на епископии на целата
територија на Македонија. Епископијата во Солун послужила како
центар за организирање на Македонија, како посебна црковна област.
Освен солунската, на територијата на Македонија во IV век епископии
се посведочени и во Бер, Дион, Аполонија, Партикопол, Амфипол,
Касандреја, Сер, Аргос, Хераклеја Линкестис, Стоби, Баргала, Запара,
Добер, Лихнидос, Скупи и други поголеми македонски градови. За нив
дознаваме преку учеството на нивните епископи на поважните помесни
и вселенски собори, но и врз основа на археолошките и епиграфските
извори.


понеделник, јануари 03, 2011

Мисијата на апостолот Павле како почеток на христијанството во Македонија



Ширењето на христијанството на територијата на Македонија
започнало многу рано, уште во средината на I в. од н.е. и тоа е тесно
поврзано со мисионерската дејност на апостолот Павле. Имено, со цел
да го проповеда и рашири христијанството, не само меѓу Хебреите,
туку и меѓу паганите, Павле презел три мисионерски патувања
посетувајќи повеќе градови во Мала Азија, во Македонија и во
Грција.1 Токму мисионерските патувања на апостолот Павле како
почеток на ширењето на христијанството во Македонија се предмет на
интерес на овој труд.

превземи:

- Драган ЗАЈКОВСКИ, Мисијата на апостолот Павле како почеток на христијанството во Македонија, Philological Studies, volume 1, edition 2010.

- Драган ЗАЈКОВСКИ, Мисијата на апостолот Павле како почеток на христијанството во Македонија, Philological Studies, volume 1, edition 2010

Драган Зајковски - Мисијата на апостолот Павле како почеток на христијанството во Македонија (Philological ...



сабота, август 14, 2010

The Mission Of The Apostle Paul: The Beginnig Of Christianity In Macedonia





Abstract: The begginings of christianity in Macedonia was in the middle of I century. It’s dedicated with the Apostle Paul’s missionary. New Testament scripts announced that Paul was the first christian missionary who, in the 50’s of the first century, came to Macedonia, preaching. For three times he was in Macedonia converting in christianity large number of macedonian population. Lidia was the first woman in Macedonia that accepted christian belief. In the next period of time Paul’s mission had a big success into the every Macedonian cities where he was. Thanksfull his mission, christian municipies were madden in several macedonian cities: Philipi, Thessaloniki and Beroia.Those are, however, the first christian municipies in Europe, which, in short period of time, grew into the powerfull communities respectfull not only in Macedonia, but much more far.


The entire article can be downloaded here.

Целата статија може да се симне тука.



петок, ноември 06, 2009

Учеството на епископите од Македонија на Вселенските и помесни собори во IV век


Во 325 година во Никеја се одржал Првиот Вселенски Црковен Собор. Меѓу учесниците на овој Собор тројца биле од Македонија: епископите Александар од Солун, Будиос од Стоби и Дакус од Скупи. Учеството на македонски епископи на Првиот Вселенски Собор е факт кој сам по себе укажува на значителниот степен на развој на црковната организација во Македонија во првата половина на IV век.

Епископи од Македонија присуствувале на сите поважни црковни настани организирани во наредниот период. При осветувањето на црквата во Ерусалим во 335 г. присуствувале македонски епископи, најверојатно предводени од Александар, епископот од Солун.
Од особена важност за натамошниот развој на вселенската Црква биле одлуките донесени на Соборот во Сердика од 343 г. каде присуствувале деветмина македонски епископи. Тоа биле епископите Евгариј од Хераклеја Линкестис, Зосим од Лихнидос, Аециј од Солун, Басус од Диоклетијанопол, Порфириј од Филипи, Јонас од Партикопол, Паладиј од Дион, Геронциј од Бероја, како и Парегориј од Скупи.

На Вториот Вселенски Собор во Константинопол во 381 г., со сигурност е посведочено присуството на епископот Ахолиј од Солун. Тој уште се спомнува како примател на две писма од римскиот папа Дамас И датирани во 381 година, а учествувал и на Синодот во Рим во 382 година. Солунскиот епископ Ахолиј уживал полн углед пред императорот и сред останатиот христијански свет ширум Империјата. Во времето на овој епископ, Солун, и понатаму, продолжил да претставува едно од најугледните епископски седишта.



линкови за симнување на целиот текст на статијата во пдф формат:


* Учеството на епископите од Македонија на вселенските и помесни собори во IV век





Бигорскиот манастир: Мост за разбирање

Со модерен речник кажано постои нераскинлив линк односно врска меѓу Бигорскиот манастир и неговите монашки братства, од една, и културната историја на нашиот народ од друга страна. Низ вековите, монашките братства од Бигорскиот манастир оставиле силен белег врз историско – културната традиција и свест на населението кое живеело на тие простори и пошироко во Македонија

Она што Бигорскиот манастир го прави посебен е почитта кон истиот не само од македонското православно население, туку можеби многу повеќе и од страна на локалното население со исламска вероисповед. Таа традиција на верска толеранција и почит кон Бигорскиот манастир од страна на муслиманското население најдобро се огледа во локалната легенда која соопштува дека во 16тиот век, некој бег од Албанија дошол во манастирот на поклонение. Наредната година тој добил син и во слава на Свети Јован – заштитникот на манастирот – голем дел од својот имот му го подарил на монашкото братство. Тој ветил дека ќе праќа во манастирот од маслиновото масло кое што се произведувало на неговиот имот. И ако денес ги прашате локалните жители од тој крај, кои се претежно муслимани, ќе ви одговорат дека на имотот на бегот сеуште постои табла на која е испишано името на светецот.

Имајќи го ова во предвид со полно право може да се каже дека Бигорски е подеднакво почитуван од населението со христијанска и исламска вероисповед, и оттука пример за верска толеранција, мост за разбирање меѓу двете конфесии

Оваа несреќа што се случи со опожарувањето на дел од манастирот не е непозната за историјата. Таа познава слични, па дури и уште поголеми несреќи и искушенија кои биле надвиснати над Бигорскиот манастир. Основан од страна на монахот Јован во 1020тата година, во 16 век манастирот бил разрушен од страна на Османлиската власт и целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил ѝ првиот игумен на Бигорскиот манастир во „условно кажано“ поново време. Ако го имаме на ум римското: Historia magistra vitae est тогаш убеден сум дека и ова ново искушение ќе биде многу брзо надминато и дека од него ќе ги извлечеме потребните поуки.

И сосема на крајот да не заборавиме дека историската зрелост на една нација се огледа во нејзината свест за културното наследство, во кое секако централно место има и Бигорскиот манастир. Тоа е клуч со чија помош може да се отворат вратите на свеста на еден народ и неговите институции.

сабота, март 07, 2009

Великомаченичката Ирена: Првиот христијански маченик од Македонија

Св.ИринаПрогоните против христијаните од страна на римската власт, кои започнале во времето на императорот Нерон и со извесни прекини траеле се до Миланскиот Едикт во 313 г. кога христијанството било признато за рамноправна религија во Римската Империја, повеќе или помалку, ги засегнале христијанските црковни општини на целата територија на Римската Империја вклучувајќи ги оние во Македонија.

За прв христијански маченик од Македонија се смета Великомаченичката Ирена (Ирина) која живеела кон крајот на I век. Како што соопшува анонимниот автор на нејзиното житие, Ирена пред да го прифати христијанството го носела името Пенелопа и потекнувала од благородничко семејство; Татко и Ликиниј бил управник на градот Мигдонија кој се наоѓал во Македонија.

Според црковната традиција Ирена била покрстена лично од Тимотеј, ученикот на апостолот Павле и придружник за време на првото и третото патување на Апостолот во Македонија, а подоцна лично од Павле поставен за епископ на Ефес, на која функција останал се до неговата смрт. Покрстувањето на Ирена од страна на Тимотеј се датира за време на првото или третото патување на Павле во Македонија кога Тимотеј единствено  имал можност лично да ја покрсти Ирена.

Она што збунува во врска со сето ова е фактот, дека, иако се работи за голема и важна светица, сепак, во Новозаветните текстови, во делот каде што сведочат за ширењето на христијанството во Македонија, воопшто не се споменува нејзиното покрстувањето од страна на Тимотеј. Меѓутоа тоа не значи дека податокот во нејзиното Житие не е точен. Напротив, Ирена не е спомната во Делата на светите апостолите зашто во време кога ,,Делата” биле напишани од страна на евангелистот и апостол Лука, Ирена сеуште била млада и непозната за авторот – една од мноштвото христијански преобратеници во Македонија. Во прилог на оваа претпоставка оди фактот дека во Делата на светите апостолите поименично се спомнати само повидните членови на новоформираните христијанските општини во Македонија, додека пак останатите христијански преобратеници (конвертити), меѓу кои била во тоа време сеуште младата Ирена, поради нивната голема бројност не било можно сите поименично да бидат спомнати во текстот.

Веднаш по примањето во христијанските редови Ирена започнала соикона нејзината проповедничка дејност најпрво меѓу мнозинското паганско население во градот Мигдонија и во неговата околина. Како што соопштува авторот на нејзиното житие благодарение на нејзината мисионерска дејност, а потпомогната од локалниот христијански свештеник Апелијан, во редовите на христијанската Црква биле примени нови 3.000 верници. Набрзо нивниот број се искачил на околу 10.000 христијани. Ова е уште еден податок кој оди во полза на претпоставката дека христијанството многу брзо и речиси незапирливо се раширило во сите делови на Македонија.

Соочен со ваквиот голем подем на христијанското учење сред жителите на Мигдонија, римската власт, на чело со новиот градски управник Седекиј, превзела енергични мерки против повидните членови на локалната црковна заедница. Како резултат на ова властите успеале најпрво да го уапсат Апелијан, а потоа и Ирена.

Останувајќи непоколеблива во христовата вера Ирена одбила да им жртвува на римските богови, што било причина да биде изложена на жестоко измачување. Според нејзиното житие, таа најпрво била фрлена во ископана јама полна со змии отровници, но откако останала неповредена Седекиј ја изложил на дополнителни измачувања. Издржувајќи ги храбро и достоинствено сите маки на кои била подложена, иако не се кажува како и под кое образложение, Ирена била ослободена од затворот, ја напуштила родната Мигдонија и заминала во градот Калиполис, каде продолжила да го проповеда христовото учење.

Тоа била причината што Ирена повторно била уапсена од страна на тамошната римска власт на чело со Бабадонос кој ја извршувал функцијата управник на Калиполис. Тој ја подложил Ирена на нови измачувања, меѓутоа восхитен од нејзината храброст Бабадонос и самиот поверувал во христовото учење и според црковната традиција заедно со голем број на нови верници бил воведен во христијанството.

По успехот во Калиполис, Ирена ја продолжила својата мисионерска дејност во другите приморски тракиски градови меѓу кои се спомнува Месембрија.

Според преданието таа се упокоила во градот Ефес кон крајот на И или можеби почетокот на II век.


следува краток видео клип од внатрешноста на црквата посветена на Великомаченичката Ирена која се наоѓа во Станбол