петок, ноември 06, 2009

Учеството на епископите од Македонија на Вселенските и помесни собори во IV век


Во 325 година во Никеја се одржал Првиот Вселенски Црковен Собор. Меѓу учесниците на овој Собор тројца биле од Македонија: епископите Александар од Солун, Будиос од Стоби и Дакус од Скупи. Учеството на македонски епископи на Првиот Вселенски Собор е факт кој сам по себе укажува на значителниот степен на развој на црковната организација во Македонија во првата половина на IV век.

Епископи од Македонија присуствувале на сите поважни црковни настани организирани во наредниот период. При осветувањето на црквата во Ерусалим во 335 г. присуствувале македонски епископи, најверојатно предводени од Александар, епископот од Солун.
Од особена важност за натамошниот развој на вселенската Црква биле одлуките донесени на Соборот во Сердика од 343 г. каде присуствувале деветмина македонски епископи. Тоа биле епископите Евгариј од Хераклеја Линкестис, Зосим од Лихнидос, Аециј од Солун, Басус од Диоклетијанопол, Порфириј од Филипи, Јонас од Партикопол, Паладиј од Дион, Геронциј од Бероја, како и Парегориј од Скупи.

На Вториот Вселенски Собор во Константинопол во 381 г., со сигурност е посведочено присуството на епископот Ахолиј од Солун. Тој уште се спомнува како примател на две писма од римскиот папа Дамас И датирани во 381 година, а учествувал и на Синодот во Рим во 382 година. Солунскиот епископ Ахолиј уживал полн углед пред императорот и сред останатиот христијански свет ширум Империјата. Во времето на овој епископ, Солун, и понатаму, продолжил да претставува едно од најугледните епископски седишта.



линкови за симнување на целиот текст на статијата во пдф формат:


* Учеството на епископите од Македонија на вселенските и помесни собори во IV век

Нема коментари: