Со модерен речник кажано постои нераскинлив линк односно врска меѓу Бигорскиот манастир и неговите монашки братства, од една, и културната историја на нашиот народ од друга страна. Низ вековите, монашките братства од Бигорскиот манастир оставиле силен белег врз историско – културната традиција и свест на населението кое живеело на тие простори и пошироко во Македонија
Она што Бигорскиот манастир го прави посебен е почитта кон истиот не само од македонското православно население, туку можеби многу повеќе и од страна на локалното население со исламска вероисповед. Таа традиција на верска толеранција и почит кон Бигорскиот манастир од страна на муслиманското население најдобро се огледа во локалната легенда која соопштува дека во 16тиот век, некој бег од Албанија дошол во манастирот на поклонение. Наредната година тој добил син и во слава на Свети Јован – заштитникот на манастирот – голем дел од својот имот му го подарил на монашкото братство. Тој ветил дека ќе праќа во манастирот од маслиновото масло кое што се произведувало на неговиот имот. И ако денес ги прашате локалните жители од тој крај, кои се претежно муслимани, ќе ви одговорат дека на имотот на бегот сеуште постои табла на која е испишано името на светецот.
Имајќи го ова во предвид со полно право може да се каже дека Бигорски е подеднакво почитуван од населението со христијанска и исламска вероисповед, и оттука пример за верска толеранција, мост за разбирање меѓу двете конфесии
Оваа несреќа што се случи со опожарувањето на дел од манастирот не е непозната за историјата. Таа познава слични, па дури и уште поголеми несреќи и искушенија кои биле надвиснати над Бигорскиот манастир. Основан од страна на монахот Јован во 1020тата година, во 16 век манастирот бил разрушен од страна на Османлиската власт и целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил ѝ првиот игумен на Бигорскиот манастир во „условно кажано“ поново време. Ако го имаме на ум римското: Historia magistra vitae est тогаш убеден сум дека и ова ново искушение ќе биде многу брзо надминато и дека од него ќе ги извлечеме потребните поуки.
И сосема на крајот да не заборавиме дека историската зрелост на една нација се огледа во нејзината свест за културното наследство, во кое секако централно место има и Бигорскиот манастир. Тоа е клуч со чија помош може да се отворат вратите на свеста на еден народ и неговите институции.
петок, ноември 06, 2009
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
Нема коментари:
Објави коментар