Токму тука, на левиот брег на реката Треска, во XIV век, или поточно околу 1337 година е подигнат манастир со црква посветена на „Успение на Пресвета Богородица“; Денес популарно познат како „манастир Матка“.
Црквата е ѕидана од камен и тула, во вид на крст и со едно кубе на средината од кровот. Меѓутоа, уште на прв поглед, на фасадата од манастирската црква може да се забележат остатоци од постар црковен објект употребени како секундарен градежен материјал при нејзината изградба. Па затоа, со право, се претпоставува дека црквата е подигната врз остатоци од ранохристијански храм.
Се претпоставува дека црквата ја изградил Бојко, син на се уште недоволно, историски, познатата, властелинка Даница, и воедно господар на Матка.
Цели 160 години подоцна, во 1497 година, во времето кога Османлиите цели 100 години се во Македонија, извесна г-ѓа Милица ја затекнала црквата без кров; ја препокрила; живописала; ја подигнала припратата и купила лозје подарувајќи го на манастирот. Ова го дознаваме од натписот над влезната врата во кој, уште, се спомнуваат нејзиниот покоен сопруг Тошинко, синот Никола, но и тогашниот митрополит г.Атанасиј.
Влегувајќи внатре во црквата, речиси нема никој кој останал рамнодушен. Фигури на светци во цел раст, маченици насликани во медаљони, композиции од Христовите страдања и секако Големите празници. Во олтарниот простор, пак, се препознаваат ликовите на сесловенските учители Св.Кирил и Св.Климент.
Што се однесува до денс видливите конаци, тие се изградени во 1886 година, а поправани и доправани во годините кои следеле, се до денес.
Во дворот на манастирот е и параклисот изграден во 2000 година. Неговата архитектура ги содржи вековните традиции на градба. Токму тоа овозможува параклисот прекрасно да се вклопи во целиот манастирски комплекс без да биде нарушен оригиналниот лик на манастирот. Истото важи и за камбанаријата изградена во наши дни, во дворот на манастирот.
Нема коментари:
Објави коментар