понеделник, февруари 23, 2009
Св.Недела - Марков град (Матка)
Загледувајќи се високо на врвот од карпите над црквата Св.Андреја (планинарскиот дом – Матка) ќе забележите крст, а веднаш под него остатоци од средновековна градба. Станува збор за црквата Св.Недела која се наоѓа во рамките на локалитетот познат како Марков град. Археолозите откриле дека Марков град е всушност средновековно утврдување со мала црквичка.
Со сигурност се претпоставува дека црквата Св.Недела била изградена во средината на XIV век. Единствено се води полемика околу карактерот на ова утврдување. Постојат, главно, две претпоставки: според првата, Марков град во средниот век претставувал утврден манастирски комплекс со црква и конаци; и втората претпоставка вели дека Марков град бил утврдена населба со благородничка црква. Според поддржувачите на последната теорија, тука живеел благородникот Бојко, господар на Матка, а спомнат и како ктитор на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (Манастир Матка).
Меѓутоа, речиси секогаш, наспроти историските факти стои по некоја легенда или митско предание. Во случајов тоа е легендата за убавата Бојана. Имено, ако ги прашате жителите на селото Матка за Марков град, сите до еден ќе ви ја раскажат легендата за Бојана:
Бојана, според легендата, била прекрасната господарка на Марков град. Таа живеела и управувала со градот, меѓутоа нејзините чифлизи достигнувале се до селото Бојане. И обично како што бива во легендите од османскиот период, во Бојана се вљубил некој локален Османлија. Одбивајќи ја брачната понуда и „потурчувањето“ Бојана станала мета на неговиот бес. Собирајќи голема војска, насилникот ја нападнал Бојана која се утврдила во Марков град. Во борбата Бојана убила дури 70 османлии, ама сепак, кога видела дека се е залудно и дека ќе мора да биде насилно одведена во харемот на зулумќарот, таа скокнала од карпата во реката Треска. Веднаш потоа Османлиите го разурнале градот.
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
Нема коментари:
Објави коментар