Една од нив е манастирската црква Свети Андреј изградена во 1389 година. Нејзин ктитор е вториот син кралот Волкашин и брат на Крале Марко, Андрејаш. Ова го дознаваме од натписот над надвратникот на западната влезна врата во наосот на црквата.
Текстот на ктиторскиот натпис гласи:
"ПО ВОЉАТА НА БОГ ОТЕЦ СЕДРЖИТЕЛ И СО ПОМОШТА НА СИНОТ ЕДИНОРОДЕН И СО СОДЕЈСТВИЕТО НА СЕПРЕСВЕТИОТ ДУХ СЕ СОЗДАДЕ И СЕ ИСПИСА ОВОЈ СВЕТ И БОЖЕСТВЕН ХРАМ, ВО ИМЕ НА СВЕТИОТ СЛАВЕН ВРВЕН АПОСТОЛ ХРИСТОВ ПРВОЗВАНИ АНДРЕЈ. СО ТРУДОТ И ПОДВИГОТ НА ХРИСТОЉУБИВИОТ РАБ БОЖЈИ
АНДРЕАШ, СИН ВТОРИ НА БЛАГОВЕРНИОТ КРАЛ ВОЛКАШИН И КРАЛИЦА ЕЛЕНА, МОНАХИЊА ЕЛИСАВЕТА. И КОЛКУ ШТО БЕШЕ ВОЗМОЖНО, И ДАДОВМЕ И ПРИЛОЖИВМЕ НА СВЕТАТА ЦРКВА СЕЛА ВО ПОЛЕТО И ВО ЗАБРДИЕТО СО МЕТОХОТ. СО ПРАВАТА КОИ СЕ НАПИШАНИ И ПОЗНАТИ НА СИТЕ, ЗА КОИ СЕ ВЕЛИ ВО ХРИСОВУЛОТ, И ОВИЕ ДВЕ СЕЛА СЕ ТАМУ, БУКУРЦИ И ПОВИЛНО. [КОИ] ВО ЗАМЕНА СО ЦРКВАТА СУШИЧКА СО ДОГОВОР И [ГИ] ДАДОВМЕ ЗА МОМКОВО И ИВАНЕ. БИДЕЈЌИ ТАКА ПРИГОДНО БЕШЕ НА ОБЕТЕ ЦРКВИ. 3А ДА ГИ ИМААТ ТАКА СИТЕ СЕЛА БЕЗ ЗАБУНА ВО УТВРДЕНАТА ГОДИНА 1389, СПОРЕД ВОЉАТА И МИЛОСТА НА МОЈОТ ГОСПОДАР АНДРИЈАШ [КОЈ] ОСТАНУВА ПРВ ОД ПОЧЕТОК ДА БИДЕ НА ТРУДОТ ПРВОПОЛОЖНИК А НА ОБНОВИТЕЛОТ НА МИЛОСРДНИОТ И УСРДЕН ХРАМ СВЕТИ МОНАХОТ КАЛЕСТ КИРИЛ, ВЕЧНА МУ ПАМЕТ.“
Може само да претпоставиме дека кога принцот Андреја решил да изгради манастир во Матка, брат му Марко му ги испраќа, веројатно, најдобрите мајстори и фрескоживописци. Имено, црквата била живописана од страна на зографите митрополитот Јован и монахот Григорие.
Кон главната црква, во средината на XVI век била доѕидана припрата која била живописана во 1559/60 година. Денес, црквата Св.Андреја во Матка е една од ретките зачувани цркви во форма на слободен крст во Македонија.
***
Сепак, настрана историските податоци, ако некогаш имате прилика да разговарате со некои од постарите жители на Матка потпрашајте ги за народното предание околу изградбата на манастирот. Имено, локалното население има интересна легенда за настанокот на манастирот Св. Андреја. Таа неминовно е поврзана со херојството на Крале Марко и неговите подвизи во борбата против Османлиите.
Како што вели преданието, по Косовската битка во 1389 година, кралот Марко заедно со брат му Андреја се враќале по патот долж течението на р. Треска. На местото на на денешната црква имало меана, и токму тука, жедни и уморни, браќата решиле да се одморат. Прв во меаната влегол Андреја, додека Марко решил да го почека надвор со коњите. Но внатре го чекало изненадување. Меаната била полна со Турци, кои го нападнале и убиле. Марко вознемирен од долгото чекање решил да го побара брата си. Наоѓајќи го мртов, ги убива виновниците, а брата си го погребува на местото на злосторот. Токму на тоа место Марко решава да изгради црква во спомен на својот брат Андреја.
линкови:
Нема коментари:
Објави коментар