Кога ќе се спомне Египет најчесто се помислува на две работи: пирамидите и мумиите. И првите, и вторите, се тесно поврзани со египетскиот култ кон мртвите и верувањето во задгробниот живот. Разликата е во тоа што првите предизвикуваат восхит, а вторите морници.
Старите Египќани верувале дека секое живо суштество, независно дали е човек или животно, има душа која ја означувале со терминот ka. Според верувањето, душата по смртта го напушта телото и се сели во задгробниот живот каде се претставува пред богот Озирис. Притоа, единствениот услов „ка“ да остане бесмртен било телото на покојникот да остане нераспаднато. Токму затоа, „старите“ Египќани практикувале балсамирање на покојниците.
Според описот кој го дава Херодот, кој лично го имал посетено Египет, балсамирањето се одвивало во неколку фази. Најпрво биле вадени внатрешните органи, а потоа и мозокот; Органите од стомачната празнина биле вадени на тој начин што се правел рез во слабината од покојникот, а, пак, мозокот бил ваден низ ноздрвите со помош на метална кука. Извадените органи биле ставани во посебни ќерамички садови и запечатувани.
Откако ќе била „исчистена“ стомачната шуплина и измиена со палмино вино ја премачкувале со миризлива смола. Потоа телото се потопувало во раствор од натриум и алиминиум (натрон) и така било чувано 70 дена. По истекот на седумдесетиот ден телото било вадено од растворот, миено и повивано во завои натопени во смола. Така балсамираното тело му било предавано на семејството кое потоа го погребувало.
Според верувањето на Египќаните, секој покојник се претставувал пред богот Озирис. Озирис бил тој кој судел за сторените гревови. Притоа, на едната страна од вагата ја ставал душата полна со гревови, а на другата страна ставал пердув. Малкумина биле тие „праведници“ кај кои тасот со пердувот превагнувал. Останатите биле враќани во нивните гробници каде нивната душа продолжувала да езгистира. Сепак, нејзината понатамошна егзистенција не била безусловна. За да преживее, ka, морал да ги има истите услови како и за време на земниот живот: храна, вода, намирници. Токму затоа на ѕидовите од гробниците биле сликани гозби, храна, робови, домашни миленичиња и сл. небаре да му се најдат на покојникот и на тој начин неговата „ка“ да продолжи да егзистира.
сабота, јули 28, 2007
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
Нема коментари:
Објави коментар