недела, јуни 10, 2007

Otzi: Откриена е тајната?

Во годината кога се распадна Советскиот сојуз и Македонија прогласи независност, кога Мајк Тајсон беше осуден за силување, а Чикаго Булс ја освоија првата НБА титула, во годината кога на Садам Хусеин му текна дека треба да влезе во Кувајт, а Црвена Звезда стана европски првак во фудбал, токму во таа 1991 година, на границата меѓу Австрија и Италија, во местото Ötztal, двајца германски туристи ќе најдат смрзнато тело на некој несреќен ловџија. На теренот веднаш излегуваат мешани тимови на австриската и италијанската полиција. Повикани се вештаци од судска медицина. И види чудо: ловчијата да ти бил од некое друго време – време 5000 години од денес.

Од таа 1991 година, ловчијата стар 5000 години, кого го прекрстуваат во Otzi, станува медиумска личност. За него пишуваат сите светски медиуми, му се посветуваат статии по белосветските новини, за него се караат австриската и италијанската влада (демек чие „државјанство“ да добие), се организираат симпозиуми за неговото дело и лик, научниците се караат што јадел и пиел, антрополозите се надмудруваат како живеел, а Otzi зачмаен во некој италијански ладилник на судска медицина чека да биде раскажана неговата приказна.

***

Едно утро, 3300 години пред Христа, кога во Сумер се раѓала цивилизацијата, а Египет бил пред обединување, еден „европјанин“, решил да оди на лов. Го стокмил торбичето со стрели, се поздравил со сопругата, ги бакнал децата и правец на лов.

Ќе остане неодоворено прашањето дали вечерта жена му сонила некој страшен сон и сабајлето го преколнувала да не излегува од дома. Дали имала некоја интуиција дека мажот и заминува без да се врати?

***

Несреќниот ловец од Алпите беше и се уште е предмет на разни испитувања. Прашањето околу причините за неговата смрт е она кое веќе долго време останува неодговорено предизвикувајќи полемика во научната јавност. Токму на ова прашање, деновиве, се обидува да одговори тим од швајцарски и италијански експерти. Тие со помош на рендгенски снимки ја докажуваат теоријата дека Otzi умрел од насилна смрт. Како потврда за ова се деловите од стрела најдени во неговиот грб, кои, најверојатно, биле причината за неговата смрт.

Otzi е убиен. Тоа е несомнено.

***

Анализирајќи ја облеката на несреќниот ловец, неговото оружје, остатоци од храна и сл., денес сме во можност да направиме реконструкција на животот на луѓето во Европа пред 5000 години.


Нема коментари: