среда, мај 09, 2007

Пријателка

Убаво е чувството кога ќе видиш пријател кој не си го видел со месеци, да не речам години. Па поготово ако е тоа пријателка. Па уште ако е пролет – леле леле. Спомените сами навираат. Спомени за едно студентско пријателство.

***

Најубавите години од животот ги минав на факс. Излегував во 7:30 сабајле, се чекав со Секи на раскрсницата меѓу Рузвелтова и Орце Николов (тогаш немаше семафори), потоа, двајцата пешки, со тешки филозофски муабети за скопските шмизли, го минувавме мостот скршнувајќи кон старата автобуска станица, каде што сега ќе биде театарот. Тука, во трафиките карши автобуската, кај тетка Нате, ќе купевме весник, ако беше калливо ќе ги исчистевме ципелите кај чичко Мефаил и ондак преку Стоковна Мост, покрај Менада, правац на факс; или како што вели една моја пријателка – КГФ. (Комплекс на глупи факултети)

И после цел ден пиеш кафиња, нешто као читаш, глумиш академски граѓанин и се надеваш. На многу нешта се надеваш. Имаш девојка, ама она чита некоја сомнителна литература од некои руски пијани депресивци и маџарски латентни самоубици, а тебе, еден мај како овој, ти доаѓа преку глава, имаш потреба од лустрација и си велиш: „Ма кој ја ебе“.
Имаш 23 години и мислиш дека Господ си го фатил за брада. После шутираш од секакви ситуации: и опс!!! Кога најмалку се надеваш погодок. Ама за кратко. И животот е краток.

***

Некои велат дека времето е растеглива и релативна категорија. Демек не е праволиниско. Часовниците и календарот биле продукт на човековиот страв да ја спознае космичката бесконечност. А, пак, мене, од секогаш, баш ме болело за бесконечноста, а поготово за Индија и Кина, за Лао Це, Брус Ли и Конфучие. Знам дека во овој момент сум тука и баш ме боли за „средниот пат“ и Малиот Буда. Бесконечноста е резервирана за боговите и малкумината одбрани. Јас сум овде и сега, во желба да уживам во животот. Големи л‘жговци се оние кои тврдат дека историјата се повторува. Се повторува – курац. Можеби се повторуваат грешките, ама моментите остануваат неповторливи. Ако не научам да уживам во моментите тогаш маф ми е работата.

А некогаш се случува да паднам. Да се струполам. Една есенска ноќ, пред рамно 10 години, мислев дека никогаш нема да се раздени, а пред две години, дури и кичмата се обидуваа да ми ја скршат, ама духот до сега не ме напуштил. Сум стискал заби. Духот не го давам. *** Ми се јави пред недела – две. Ја немав чуено со години. Само пораки за роденден и честитки за Нова Година. Имаше фатено дечко веќе три години.

„Кај го најде ова гилиптерче?“ – уште тогаш и реков.
„Да не си љубоморен?“ – ми врати.

Можеби имаше право, а можеби и не. Во секој случај има луѓе кои не ти се допаѓаат. Едноставно, уште на првото видување имаш некоја необјаснива одбојност кон нив. Ете такво чувство имав кон гилиптерчето на мојата пријателка. А само два пати го имав видено.

***

"Зајко, се изгубивме. Не сме се чуле со векови?" – изрецитира стара, добро позната фраза кога ми се јави на телефон.
"Не е опасно да се изгубиш. Поопасно е никогаш да не се вратиш на патот." – цитирав нешто од мојата архива.

Се утепа од смеење.

После глумеше дека знае за мојот блог, ама, сепак, беше искрена и кажа дека никогаш не ме читала.

„Е ако де.“ – одговорив.

И тогаш почна да отекува. А мене ме имаше фатено некоја „точка“ и тој ден ич не ми се слушаа исповеди. (Ете затоа не ја послушав баба ми и никогаш не станав поп.) Дечкото и рекол дека сака да се одморат малку.

„Види вака...“ – и одговорив. „Ти си возрасна особа. Ваљда ти е јасно дека ти раскинал. Типот е тежок педер и не може да ти каже у очи. Сигурно има некоја друга. Веруј.“
Тогаш, за момент, осетив треперење во нејзиниот глас. Сто пати се покајав за мојот искрен одговор. Некогаш искреноста знае да боли повеќе од лагата. Сепак, она е голема девојка. Ќе преживее.

***

Вчера се видовме во Рамстор. Моите претпоставки излегоа точни. (Проклетство или провидение) Раскинале. Два дена по свеченото прогласување на „одморот“, типот го виделе у Боними со некоја ептен помлада.

„Е ако де. Чудо големо.“ – и велам. „Ќе си најдеш поубав и поарен. Со пежо 206, куќа у Радишани и векендица у Бродец. И да знаеш дека Господ те чувал од типови као Иван. Кога ќе им остарат жените ги напуштаат као стари коли и се впуштаат во лов на пилешко. Типот не требе да го мрзиш, туку да го жалиш.“
„Се плашам да не останам сама. – и се испушти.
„Ма уживај“ – изустив. „И да останеш стара мома јас сум тука да ти правам друштво за во кино и на кафе. Отсекогаш ме бивало за правење друштво.“
„Во кино ретко одам, а кафе не пијам. Само сок од зелено јаболко. Од вчера сум лахто - ихто вегетаријанец.“
„Уф, јебо те“ – ми се испушти.
„Е ако де.“ – возврати она итро намигнувајќи.

Потоа, двајцата, долго се смеевме евоцирајќи заеднички спомени од којзнае каде. Ги прочешлавме сите заеднички пријатели кои ги знаеме (јас во оваа прилика на сите им се извинувам) и останавме до полноќ во Рамсторе, во оној кафиќ до Дајмонт.

***

„Дали смеам ова да го напишам на блог?“ – пристојно ја прашав сабајлево.
„Ќе спомнуваш имиња?“
„Не. Но ако ми текне да спомнам, ќе бидат сменети.“
„Колку те читаат?“
„Од 20 до 30 удари на ден. Ретко над 40. Од нив 5 до 10 од Бугарија. Значи околу 15 -тина вистински посети. Се осечам као Шопенхауер.“

Бледо ме гледаше. Никогаш не ги читала ниту Хегел, ниту Шопенхауер, а не знаеше, ништо, ниту, за нивното ривалство околу посетеноста на нивните предавања.
„Абе шо знам. Како сакаш. Само глеј да не претераш.“ – рече на одење. „Во понеделникот те читав и мислам дека некогаш претеруваш.“
„Мора малку филување за да се добие у уметнички дојам.“ – се смеев. „Ама генерално чувствата се секогаш тие.“
„Ондак добро. Не верувам дека Иван ќе те прочита. Ниту пак некој од моите колеги на работа. Пријателки знаеш дека немам.“

8 коментари:

Анонимен рече...

А бе, тебе навистина те бидува за пишување раскази. Многу убав текст :)

Драган Зајковски рече...

Фала Окси.

Ова посебно ми значи штом доаѓа од тебе :))))

поздрав.

Анонимен рече...

amn so toj Seki. Ika kontinuirano i pravoliniski stom ce go spomnes! Daj drugo dete, za boga miloga!!!!!!!!!!!

Драган Зајковски рече...

Шо да праам. Стари пајташи сме. Мојата историја е прилично тесно испреплетена со неговата. Заеднички настани, девојки, познаници, фудбал, и се остало. Освен сноубол, лахто - ихто типки, зен будизам и шинтоизам :))))

Анонимен рече...

Е арно,историјата не се повторува,само таа количината на грешки некако е застрашувачка.
Каде е тој„моментот“ кој цел живот го чекаме и грешки во негово име правиме?
`Фатиго моментот`-е ајде де,лизгав е како луда риба...
Убаф расказ-со`лес`го исчитаф.
Не само кај тебе,туку генерално
-најсветлите опишани моменти сместени се во подзаматеното минато...а кога `денес`ќе дојди, по автоматизам се заборава `вчера`и се така до денот Д.
Туку ај да видам што ми е по распоред денес(заокружено од вчера...

Драган Зајковски рече...

Флебур,

поздрав, пријателе.

Анонимен рече...

The Cult of the HulaHop:Вклучи се

...

добра ти е пријателкава ... кажи и да не се секира пошо ... слободата тешко се добива ...

во случајов е слободна ... и нека се радуе ... еден куп ... а може и да се упознаеме ...

она бош муабет ...

...
иначе секоја жена е атрактивна на свој начин ... па веројатно и пријателката има со шо да се пофали ...
така што ... секое муже сака да зароби уште една слобода ...

...

а Фројдовската констатација дека секој маж ги сака сите жени само за себе ... веројатно е апликативна и за пријателката ...

;-()

Драган Зајковски рече...

Вклучи се,

Фројд во многу нешта се уште не е побиен :)))) Веројатно знаел што збори чоекот :))))

поздрав.