четврток, април 26, 2007

Трите средновековни цркви на скопското Кале


Во доцниот среден век, на скопското Кале, изворите соопштуваат, постоеле најмалку три црковни храмови кои се уште не се убицирани на теренот. Имено, Скопје, во времето на српскиот крал Милутин (1282 - 1321) постепено почнува да се издигнува во важен центар на овој дел од Балканот. Во негово време, во Скопје, се градат и обновуваат поголем број црковни храмови и манастири. Дел од манастирите располагаат со имоти во скопско, но и пошироко. За ова сведочат грамотите од времето на Милутин и царот Душан (1331 - 1355) каде поименично се спомнуваат сите имоти кои им биле подарени на конкретните манастири во Скопје.

Меѓу средновековните цркви кои се наоѓале во утврдениот град Скопје, со својата монументалност, предничел храмот посветен на Св. Богородица Троручица. Иако за прв пат се спомнува во грамотата на српскиот крал Милутин од 1300 година, сепак, се смета дека истиот постоел и порано. Подоцна, во времето на царот Душан, црквата станала седиште на Скопската митрополија. Токму во неа, на 16-ти април 1346 година, било извршено крунисувањето на Душан. Подоцна, на 21-ви мај 1349 година, во Скопје бил објавен и познатиот Душанов законик. Се претпоставува дека Законикот бил официјално објавен токму во црквата Св.Богородица Троручица.

По паѓањето на Скопје во османлиски раце, во 1392 година, црквата богородица Троручица постепено почнала да го губи својот сјај. Стотина години потоа, или поточно во 30-те години на XVI црквата била разрушена. Оттогаш повеќе не се спомнува во изворите.

Од времето на кралот Милутин се датира црквата Св.Прокопиј како и манастирот Св. Јован Крстител. И за овие два објекти се претпоставува дека се наоѓале на скопско Кале. Подоцна, по разурнувањето на црквата Богородица Троручица, манастирот Св.Јован Крстител станал седиште на Скопската митрополија. Разурнат е во 1688 година.

Како што веќе информиравме минатата седмица на Кале при ископувањата во близина на локацијата каде се претпоставува дека се наоѓала џамија од османлискиот период најдени се три фрагментарни остатоци од средновековни фрески. конзервацијата на истите се врши на лице место и притоа археолозите кои работат на ископувањето шпекулираат дека станува збор за археолошки материјал кој треба да се датира во 13 или 14 век.

Притоа, Волан изнесува мошне интересна претпоставка според која фреските се најдени на место каде Османлиите го фрлале шутот од разрушената црква на чие што место потоа изградиле џамија. Впрочем ваквата практика на градење на џамии на темели на разрушени цркви воопшто не е непозната, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Најдобар пример за тоа се црквите Св.Софија во Охрид и Цариград, но и Св.Пантелејмон на Плаошник во Охрид, на чии што темели бил изграден исламски верски објект. Затоа воопшто не треба да изненади доколку во близина на откриените три фрагменти , односно под џамијата или во нејзина непосредна близина се најдат темели на постар средновековен црковен храм.

линкови:

Волан: Скопското кале и евентуалните цркви во горен и долен град

Волан: Скопско кале - конзервација и археолошки истражувања

Волан: Скопското Кале

Археолошки дневник: Почнаа ископувањата на Скопското кале (или турбо фолк национализам)

Википедиаја: Стефан Урош II Милутин

Википедија: Стефан Душан


Нема коментари: