сабота, април 15, 2006

како да го искористам блогот за богатење

Денес имав прилика да се уверам колку се „неписмени“ нашите професори и наставници. Просто е неразбирливо како може, во „денешно“ време, некој кој себеси се смета за интелектуалец да биде информатички неписмен. Ај што не сакаат да научат word и excel, ај што неќат да научат да се служат со интернет, туку со нивната неписменост им пречат на оние кои се обидуваат, барем малку од малку, да внесат нови содржини во образовниот процес.

Оние кои разбираат како стојат работите во образовниот процес знаат дека, со одлука на Педагошкиот завод, на професорите во средното образование им е забрането да го диктираат наставното градиво. Оттука, во случај ако нема учебник по некој предмет, наставникот мора да подготви скрипта или да се снајде на друг начин со цел учениците да имаат наставно помагало од кое ќе можат да ја совладаат наставната содржина. Меѓутоа, речиси сите професори, за чии предмети нема учебници, свесно не ја почитуваат забрана од Педагошкиот завод и диктираат на часовите.

Знаејќи ја оваа забрана за диктирање на наставните содржини, еден професор од една скопска гимназија, мој добар пријател, решава со „еден удар да утепа две муви“. Професорот наместо да диктира, часот го користи максимално за предавање, а наставната содржина, уредно, после секој час, ја презентира на својот блог. Ова го прави сосема свесно, најпрво, со цел, да ги мотивира учениците да користат интернет, а воедно и да ја искористи можноста блогот да му послужи како помошно наставно помагало – демек наместо да диктира да постира. Од правен и дидактички аспект сосема исправно.

Освен тоа, блогот нуди и една уште поголема предност – а тоа е анонимноста на коментарите. Имено, секој ученик, може, сосема анонимно, да остави свој коментар за начинот на кој предава професорот, за она што му смета при предавањата, да остави коментар за часот кој поминал, за градивото кое го слушал и милион други забелешки, добри или лоши. Со тоа професорот ќе има увид во тоа што мислат учениците, без притоа тие – поради нивната анонимност - да се плашат од евентуалните претпоставени последици за изречените критики.

Конкретниот професор, оди дотаму што им предлага на учениците, најуспешните домашни задачи, изработени од учениците, да ги стави на неговиот блог, повторно почитувајќи ја нивната анонимност. Со тоа сака да ги мотивира во правец на поуспешна изработка на домашните задачи.

И сето ова би било во ред да не стапат на сцена неговите неписмени колеги, климактерични баби пред пензија со болна амбиција да станат директори. Откако, дел од горенаведените персони разбираат дека професоров отворил блог за чисто наставни цели, се активираат на секој можен начин да му ја минираат идејата. Прво што прават е обидот да играат на социјалната карта – па дискретно го опоменуваат дека поради социјалниот момент учениците не треба да се обврзуваат да користат интернет. Но ова можеби и би „држело вода“, но учениците од конкретната гимназија имаат можност да користат бесплатен интернет (некоја донација или слично) – значи за интернет услугите не плаќаат ниту денар. Оттука, професорот, игнорираќи ги овие забелешки, продолжува со својата практика да го користи блогот и воопшто интернетот како составен дел од неговите предавања.

Но колегите не мируваат. Како може некој да биде попаметен од нив. Па уште и да користи современи средства во наставата. Затоа сега, една од неписмените колешки, која има диплома од Филозофскиот факултет, почнува да шири муабет во колективот дека преку блогот конкретниот професор нелегално се богати. Се пашувате како. Е па многу едноставно. Според „филмот“ на неписмената колешка, за секоја посета на блогот, професорот земал пари – демек процент од профитот на сопственикот на Блогер.

Неписменоста отишла дотаму што голем дел од колективот поверувал во кажувањето на неписмената идиотка. Како резултат на ова, преку посредници, му е порачано на професорот да престане со „нелегалното богатење“ преку посетите од учениците на неговиот блог. Истата таа колешка, преку дел од родителите, латентно им забранува на своите ученици да ги читаат блоговите, продавајќи им го филмот за нелегалното богатење.

Затоа, искрено ги молам сите оние кои знаат, да ми ја кажат тајната, како можам да направам, за секоја посета на мојот блог да земам одреден паричен надоместок од Блогер или Он.нет., сеедно. Па и јас преку мојот блог да се збогатам.

4 коментари:

Анонимен рече...

Успеав да го разгледам блогот на професорот, ако не се лажам, по психологија. Симпатични и сосема доволни текстови (не само за учениците туку и за општата популација)кои згора на се се зачинети со цитирана литетаура, тамам како што доликува на еден интелектуалец од негов ранг.
Прво, многу убав проистап имаш при опишувањето на овој проблем.Не си внел многу емоции, а си го постигнал ефектот. Второ, треба малку да се засили темпото на ментално клатење во школството... од типот имаме интернет а не го користиме (а како се укључува компјутерот???).И трето како додаток на второто, можеш истиов овој текст (во преработена верзија или не) да му го понудиш на Геро од Неделно Време како психичко освежување по неделното матине.
Инаку кој видели пари од он.нет!? На нив им даваат пари, а не обратно.
За другото ќе те цимам на мејл:))))))
p.s. денес е Лазарова сабота (е де само малку да подсетам)

Драган Зајковски рече...

Знам дека Геро го чита овој блог. На два пати објавуваше текстови од блогов. Оттука, во секој момент, ако мисли дека се вклопува со неговата уредувацка политика, може без проблем да го преобјави текстот во Време. Го знае он тоа многу добро.

Shepard рече...

ЛЕЛЕЕЕ! МАЈКО МИЛАААА!

Кибицер, ќе постирам за ова вечер, сеа одам у МТВ.

ЛЕЛЕАЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕ!!

АааааааааААААААааааааа!!!

Анонимен рече...

Very nice site!
»