Според сумерската митологија светот бил создаден како резултат на обидот да се воведе ред во првобитниот хаос. Притоа, богињата на морето Наму најпрво ги создала небото и земјата во облик на голема планина. Господар на небото бил богот Ан, а пак на земјата богињата Ки. Од нивниот свет брак се родил богот на воздухот Енлил кој го одвоил небото и земјата на тој начин што меѓу нив го поставил воздухот. На тој начин завршил процесот на стварање на светот.
Вториот дел од сумерскиот мит за создавањето на светот се однесува на потеклото на боговите, нивните атрибути, и воопшто нивните меѓусебни односи. Па така, меѓу другото, Сумерците верувале дека богот на месечината Нану, кој во Сумер бил почитуван како главно астрално божество, бил роден во бракот меѓу Енлил и Нинлил; а, пак, од бракот меѓу Нану и Нингал се родил Уту богот на сонцето.
Во сумерскиот пантеон бог на вегетацијата и стоката бил Енлил. Тој по совет на богот на мудроста Енки го создал животинскиот и растителниот свет, како и многу второстепени божества. Овие второстепени божества по наредба на Енлил и Енки ги создале градовите, храмовите и што е особено важно иригационите системи.
Третиот дел од митот за создавањето на светот се однесува на создавањето на човекот. Според сумерската митологија човекот првенствено бил створен со цел да им служи на боговите кои поради раскошниот живот и меѓусебните кавги ги запоставувале своите должности да ги одржуваат иригационите системи и да произведуваат храна. Токму неможноста да призведат доволно храна била причината боговите да побараат совет од Енки. Во тој контекст тој им дал упатство на богињите Наму и Нинми како да го направат човекот.
Тие водејќи се по ова упатство земале иловица од еден понор и од неа го направиле човекот. Потоа Енки со помош на предметот Ме направил ред во светот. Со помош на овој предмет Ме биле утврдени судбините на луѓето, а во исто време со Ме се одржувала и хармонијата во космосот.
Во овој контекст интересно е да се напомене дека Сумерците, без подетално да го опишат, верувале дека предметот Ме не е создаден од никого туку дека постоел сам по себе. За неговото чување бил задолжен Енки. Според верувањето на Сумерците се што егзистира на земјата има свое Ме.
Нема коментари:
Објави коментар