вторник, февруари 14, 2006

гробот на Филип II

По пренесувањето на кралската престолнина од Ајга во Пела, градот Ајга останал центар на религиските церемонијали и кралски летниковец. Освен тоа, Ајга продолжила да биде центар на погребниот култ каде што се погребувале македонските кралеви.

Досега во Ајга се пронајдени 12 тумули при што во т.н. Голем тумулус се ископани три гробови.

Гроб 1.

Во него најдена е циста од камени плочи со коски од тело на маж, жена и бебе. На трите ѕида од оваа гробница има фрески со претстава на грабнувањето на Персепона.

Гроб2.

Во овој гроб се пронајдени траги од кремација и инхумација. Се работи за коски од машки и женски тела. Гробницата е типично македонска, засводена со претсобје и соба во која е закопан главниот покојник. Фасадата на гробницата е во дорски стил со претстава на лов со коњаници, пешаци, кучиња, диви свињи, мечки и лавови.

Во гробот најдени се бронзен и железен шлем, штит и дијадема, а пак, во собата на покојникот, е пронајден златен шлем, бројни сребрени и бакарни садови и оружје, како и портрети изработени во слонова коска.

Во претсобјето најдени се кремирани коски на млада жена на возраст од 20 - 30 години, а на вратата имало закачени бронзени и позлатени кнемиди (штитници за нозе), троножец (столче со три ногарки) и торбичка во која се носеле стрели.

ГробЗ.

Овој гроб бил составен од претсобје и соба. Во собата се најдени коски од 16 - 17 годишно момче, а од погребните артефакти еден сребрен сад во кои се ставени неколку копја и оклоп, како и стригилус (еден вид на сечиво со кое се чистело маслото од телото на борачите)

Идентификации

Во науката постојат воглавно две претпоставки во врска со идентификацијата на гробовите. Според едната се работи за Филип III Аридај и Евридика, а пак според другата, многу поверојатна, станува збор за Филип II и некоја од неговите сопруги.

Неколку показатели ја прават поверодостојна претпоставката дека работи за гробот на Филип II. Прво, со анализата на пронајдениот машки череп е утврдено дека истиот има дупка над левата аркада што упатува на претпоставката дека човекот бил слеп на левото око. Токму ова се поврзува со Филип II за кого од изворите се знае дека при опсадата на Метоне во 354 г. бил ранет во главата по што го изгубил видот на едното око.

Второ, една од четирите пара кнемиди (штитници за нозе), пронајдени во гробот, е покуса од другите и има поинаков облик. Ова упатува на претпоставката дека човекот бил куц на едната нога. Токму ова е уште еден силен аргумент дека се работи за Филип II. Имено, се знае дека во една битка со Трибалите, Филип бил ранет во ногата по што останал куц.

Како трет аргумент кој оди во прилог на претпоставката дека во гробницата бил погребан Филип II се пронајдените мини портрети кои најверојатно служеле како украс на креветите. Пет од нив се идентификувани и тоа портретите на Филип II, Олимпијада, Александар Македонски, Аминта III и Евридике.

Полемика единствено се води околу идентификацијата на женскиот скелет пронајден во гробницата. Според едни, женската особа е Клеопатра, последната жена на Филип, а пак, според други се работи за Меда, другата жена на Филип која била од скитско потекло. Сепак, за поверојатна изгледа втората претпоставка. На ова упатува фактот што во гробот е најдена торбичка за стрели која е од скитско потекло.

Што се однесува пак до гробот бр.З научниците сметаат дека во истиот бил погребан Александар IV, синот на Александар Македонски и Роксана.

1 коментар:

Анонимен рече...

Looking for information and found it at this great site... » » »