недела, февруари 19, 2006

Во сенката на Олимп: Потеклото на Македон

Книгата на американскиот историчар и професор по античка историја на американскиот Пенсилванија Универзитет, Јуџин Борза, насловено како „Во сенката на Олимп: Потеклото на Македон“, во моментов важи за едно од најдобрите дела во светската историографија чиј предмет на интерес е најраната историја на античките Македонци; од праисторијата до времето на Филип II. Делото, по речиси 15 години од неговото прво издание на англиски јазик, пред некој месец го доживеа својот македонски превод. Навистина ретко успешен и извонреден превод на едно капитално научно дело во светски рамки.
Книгата е издадена во 2004 година од издавачката куќа Патрија, а преводот од англиски на македонски јазик е на Драги Михајловски.

Во својот извонреден научен труд, авторот преку компаративна анализа на расположливиот археолошки, наративен и друг изворен материјал нуди објективен приказ на општествено – политичката и културната историја на античките Македонци, од праисторијата па се до времето на Филип II. Меѓу другото, а исклучиво врз основа на археолошките и наративните извори, користејќи „чиста“ научна методологија, Јуџин Борза ја поставува тезата за етничката посебност на античките Македонци. „Испитувајќи ја динамиката на македонските односи со грчките градови – држави, тој укажува дека Македонците (античките, м.з.) иако постепено примиле форми од грчката култура во нивното општество, го зачувале посебниот етнитет како балкански народ“.

Книгата на Јуџин Борза, во сенката на Олимп: Потеклото на Македон, е незаобиколно четиво не само за академските историчари, археолози, етнолози и сл., туку и за сите оние кои сакаат нешто вистински да научат за најраната историја на Античка Македонија. Таа е класичен пример за употребата на принципот на научност и објективност при историските истражувања. Задолжителна „лектира“ за оние кои сакаат да научат, а во исто време прекрасно уживање за оние кои веќе знаат. „Оние кои не знаат да научат, а оние кои знаат да се сладат“.

п.с.

мала медицинска препорака. При читањето на книгата на Борза, за читалелите од грчко потекло се препорачува претходно да земат лексилиум, диазепам или некое друго средство за релаксација и смирување. Особено опасни нус ефекти по здравјете има за политичарите од типот на Караџаверис и неговата банда.

22 коментари:

Александар З рече...

А тука ти недостига кој и како и за колку ја издал книгата (издавач и каде може да се најде).

иг. Давид (Нинов) рече...

На почетокот, искрено се извинувам за дигресијата. Но, подготвувам еден осврт за преродбениците од 19-иот и почетокот на 20-иот век. Бидејќи се соочувам со различни, напати спротивставени податоци, собирам информации од повеќе страни. Би ве замолил, доколку сте во можност, на вашиот блог, да ги публикувате непобитните историски факти за националното изјаснување, првенствено на Григор Прличев, а потоа и на Браќата Миладиновци, и на Марко Цепенков. Со надеж дека вашата анонимност не се однесува на компетентноста, ве поздравувам останувајќи однапред благодарен.

Кибицер рече...

За Александар,
Навистина превид од моја страна. Затоа ќе интервенирам во текстот и ќе ја поправам грешката.
Книгата е издадена во 2004 година од издавачката куќа Патрија, а преводот од англиски на македонски јазик е на Драги Михајловски. Јас ја купив во Култура на плоштад, ама веројатно ја има и во другите поголеми книжари.

Кибицер рече...

За игуменот Давид од ПОА.
Еве и јас на почетокот да направам мала дигресија па ќе кажам дека воопшто не се согласувам со постапките и активностите на ПОА. Сметам дека, иако можеби дел од нејзините верници не се свесни за тоа, сепак длабоко зад целата „приказна“ со ПОА се крие висока политика и задни намери на соседните црковно - политички кујни. Едноставно историското искуство од минатото ме тера на ваков заклучок.

Но во исто време јасно кажувам дека сум против затворањето на верскиот водач на ПОА, нејзиниот владика Јован (Вранишковски), по основ на ширење на верска, национална и расна омраза. Што се однесува до другите точки од обвинението - за самоволие, стопанско - економски криминал и др. - за тоа не можам да ценам. За тоа нека реши судот дали има или нема основано кривично или прекршочно дело. Она што е мој став е дека обвинението за ширење на верска, национална и расна омраза по кое е осуден владиката на ПОА Јован (Вранишковски) е всушност селективна примена на законот. Затоа владиката на ПОА, Јован (Вранишковски) би требало да биде ослободен од затвор.


Втора дигресија.
За многу невкусни и простачки ги сметам тезите во објавеното писмо на официјалната веб страница на ПОА во кое се вели дека изненадната смрт на битолскиот новинар и битолскиот судија се „божја казна“ за нивните дела. Се работи за невкус и простаклук. Како компарација ќе го земам примерот со еден од најистакнатите владици на СПЦ во повоениот период, епископот браничевски Хризостом (Воиновиќ), кој освен Јустин Поповиќ, важи за еден од најценетите српски теолози. Токму поради тоа, владиката Хризостом бил „предмет на интерес“ на службите на УДБА. Овој „жив“ интерес на безбедносните служби кон владиката Хризостом не можел да остане незабележан од локалното население. По игра на случајноста, во тие години на „револуционерниот терор“, во сообраќајна несреќа гине еден од иследниците на УДБА кој бил задолжен за предметот на владиката Хризостом. Веднаш по настанот локалното население почнало да „шушка“ дека несреќата е всушност божја казна за иследникот. Ваквите гласови доспеале и до Хризостом лично. Е сега интересен е неговиот коментар во врска со нив. Имено, тој во едно свое писмо вели (парафразирам) „...колку нашиот народ е ПРОСТ И НЕОБРАЗУВАН што речиси е уверен дека смртта на иследникот на УДБА е резултат на божјата казна за неговиот однос кон мене...“.
Затоа и јас ќе се послужам со неговите зборови и ќе речам дека тоа писмо е резултат токму на простатилукот и необразованоста на тој кој го напишал, но и на оние кои веруваат во тоа.
Во ист кош ја ставам и изјавата на владиката приморско - црногорски Амфилохиј кој во интервјуто со Васко Ефтов изјави дека во една прилика, во далечната 1963 година, наводно некои граѓани на Скопје во приватен разговор со него изјавиле дека земјотресот е божја казна за неканонското однесувањена македонското свештенство. Е па почитуваниот владика има проблем со хронологијата. МПЦ својата автокефалност ја прогласува во 1967 година - значи 4 години по земјотресот. Ако, пак, мислел на обновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на автономната МПЦ во 1958 година и во тој случај владиката Амфилохиј ги измешал лончињата. Таа одлука од 1958 година воопшто не е неканонска. Автономната МПЦ како наследник на Охридската Архиепископија е призната од страна на СПЦ и не се работи за никакво еднострано и неканонско решение. Тоа го признава и владиката руски Алексеј I кој година дена пред скопскиот земјотрес, во 1962 година ја посетил Македонија при што одржал заедничка богослужба со архиепископот Доситеј во Охрид. Значи владиката Амфилохиј во никој случај не можел да слушне објаснување за скопскиот земјотрес како божја казна.
Историјата е опасна работа. Ако сакаш да ја фалсификуваш мора одлично да ја познаваш. Очигледно тоа не е случај со владиката Амфилохиј кој игра на картата на народното суеверие.

трета дигресија. Целосно се согласувам со ставот на МПЦ во врска со прашањето за нејзиниот статус, име и воопшто нејзиното признавање од страна на другите православни Цркви. Речиси сите православни Цркви го изодиле трнливиот пат на нивното признавање. Руската црква автокефалноста ја прогласува во 1448 г., а дури 150 години подоцна, во 1589 година добива признавање од Цариградската патријаршија; ГПЦ не била признаена 20-тина години, а пак Бугарската црква, т.е. Егзархијата речиси 80 години.
Признавањето на афтокефалноста на МПЦ е историска реалност и неминовност. Се работи за сложен историски процес кој го поминале речиси сите православни Цркви. Токму поаѓајќи од нивното историско искуство, МПЦ треба цврсто да опстои на своите позиции за автокефалност и неменување на името.

Што се однесува до прашањето за националното изјаснување на македонските преродбеници од XIX век.
Почитуван г-не игумен, иако сте неколку години генерациски постар од мене, од кажувањето на моите постари колеги чинам дека сте класичен филолог по професија. Како класичен филолог сигурно сте имале прилика да ги проучувате делата на Григор Прличев, особено Сердарот. Затоа убеден сум дека многу добро го знаете неговото изјаснување во врска со етничката припадност. Не ви треба мојата потврда.
Да; и Прличев, и Миладиновци, и Цепенков се изјаснувале за Бугари - ако тоа сакавте да го чуете. Но вистинското прашање е дали навистина биле Бугари? Перцепцијата за националното чувство на балканските народи во XIX век како историско - социолошка категорија сосема се разликува од денешната. За да го толкуваме минатото во предвид мора да се земат историските, културните, социолошките и др. фактори карактеристични за периодот кој го проучуваме. Колку само Македонци на пописите во СФРЈ се декларирале како југословени. Дали навистина се работи за југословени или од оваа дистанца велиме дека зад нивното декларирање како југословени се крие нешто друго?
Обичниот македонски човек во XIX и почетокот на XX век во интевјуата со сите етнографи кои ја имале посетено Македонија во тој период не се изјаснувал ни како Бугарин, ни како Србин. Обичните македонски граѓани себе си се сметале за „рисјани“ и своето национално чувство го идентификувале со припадноста кон Црквата. Прекрасно објаснување за ова дава американскиот историчар Данкан Пери во неговата Политика на теророт.
Или како пример да ги земеме револуционерите од соседните земји. Некои од водачите на Грчкото востание од 1821 г. во почетокот се декларирале за Руси и Власи. Тие биле школувани во Русија, припадници на Руската црква и оттука себеси се декларирале за Руси. Дали навистина биле Руси? НЕ.
Во краен случај и Византијците за цело време до 1453 г. се пишувале како Ромеи (Римјани). Дали навистина биле римјани? НЕ.

Со должна почит,
м-р Драган Зајковски (Кибицер)

иг. Давид (Нинов) рече...

Почитуван г. м-р. Драган Зајаковски,иако однапред ви заблагодарив, ја користам можноста тоа да го повторам, заради вашиот брз одговор.
Конкретниот одговор на моето кратко прашање, ви е прецизен, сосема јасен, и
бездруго од помош.
Се добива впечаток дека учените во Македонија премногу се оптеретуваат со долги и излишни коментари на одговорите. Домашните, и симпосионите во странство укажуваат дека таквата потреба за дополнителни видувања е типична карактеристика за нашите стручни лица. Верувам дека со текот на времето таа енергија ќе се ползува
и за други достигнувања.
Инаку културните вредности, коишто заеднички ги живееме длабоко ме задолжуваат да го почитувам вашиот религиски избор. Единствено, со што не се сложувам е подцивилизациското ниво на определени тоталитарни структури во нашата земја,
коишто го оспоруваат правото на избор на македонските граѓани - припадници на ПОА.
Односот кон ПОА недвосмислено ме потсетува на репликата на адвокатот од филмот на Кишловски за убивањето. Тој предочува дека е потребно остро да се казнуваат, би додал дури и невините, за тоа педагошки да влијае на другите. Таквиот систем којшто не покажува грижа за единство во различностите на нацијата, нема ниту ветувачка иднина. Доколку некој ги земе предвид ставовите на економската теорија за нациите, искажани од м-р Ивица
Боцевски во неговата најнова колумна во Утрински, ќе се соочи со можноста дека тие не се нешта дадени еднаш за секогаш.
Кога, пак, е во прашање Црквата, нештата ги опсервирате од исцело нецрковен аспект. (Инаку, во крајна инстанца, што е добар повод за јавна дебата, историските податоци говорат дека сите помесни цркви се здобивале со Томос и статус на начинот на којшто за Македонија тоа го направи ПОА). Рускиот патријарх последен пат бил во Македонија 1962 година. Оттогаш наваму - никој, заради фактот што една група луѓe имаат теснотија на мислата (којашто сакаат да биде одлика на сите други), апсолутизираат една страна од вистината и
ја цепат соборноста, којашто се изразува преку Црквата. Премногу голем луксуз за во иднината е луѓето да се раѓаат и умираат со стерилниот податок дека: некогаш - во - шеесетивтората - некој - тука - бил.
ПОА е дел од Едната Православна Црква, а на Црквата вратите секогаш и се отворени за оние коишто сакаат да станат Црква, следствено и за оние кои во мигов се во раскол со Црквата, како на пр. МПЦ.
Црквата не е направа за да му помогне на светот, но светот е создаден за да
стане Црква. Оттука, не е возможно Црквата да има непријатели, бидејќи е сеполнота и живот. Ако човекот пред себе гледа само непријатели и постојано се брани, тогаш не е слободен. Кога, пак, е на крстот тогаш се одмара бидејќи принесува љубов за
другите. Не постои начин којшто подлабоко ја успокојува човечката природа од распнувањето и
од крстот на љубовта. Тогаш не е возможно да се живее во пеколот на омразата и
осредноста. Се распнуваш буквално за сите, велат Светите Отци и дополнуваат:
соборен си и мирен.
Посакувајќи ви многу и плодотворна работа, ве поздравувам и подобно на вас, останувам со должната почит.

Игор рече...

Одлично е што почнуваат да се разглобуваат теми, кои до неодамна беа апсолутно табуизирани. Се разбира, од дискусијата може и треба да произлезе раст на знаењето. Се извинувам што вака ќе се вмешам во дискусијата помеѓу вас и игуменот Давид од ПОА, но можеби и има тој некоја поента кога забележува дека кога станува збор за блог со ваква трезвена и сериозна содржина, би било сосема во ред и пожелно авторот да не биде анонимен ниту визуелно, ниту, пак, вербално.
Ви пожелувам и понатамошен успех во вашите on-line историски огледи.
Вашата преписка со игуменот ме потсети дека пред некој ден налетав на еден блог (Зомбификација на Жарко Трајаноски - http://jasnesumjas.blogspot.com/2006/02/blog-post_113936664266177359.html), каде беше поместена петиција за помилување на Јован Вранишковски заедно со простор за коментари. Како и да е, мислењата се разновидни.

Кибицер рече...

Почитуван г. игумен,
Како што Вие го почитувате мојот религиски избор, а верувам и изнесените ставови, верувајте дека и јас сметам дека во едно вистинско демократско општество безусловно треба да биде заштитено правото на вероисповед. Не сакајќи да го повторувам претходно изнесениот став околу затворањето на Архиепископот на ПОА, Јован (Вранишковски) и неговото безусловно ослободување од обвинението за ширење на верска, расна и национална омраза, само како надополнување, јавно и недвосмислено, го искажувам мојот став дека државните институции треба да се „надминат себеси“ и да овозможат ПОА да биде правно регистрирана, со сите права и обврски како и другите верски заедници во Македонија. Тоа е единствениот вистински и храбар чекор кој државата Македонија треба да го направи. Повторно ќе кажам дека цврсто стојам на ставот дека верските слободи мораат целосно и безусловно да бидат почитувани од државата, ако таа сака себеси да се декларира за вистински демократска. Во исто време ја користам приликата – ако тоа воопшто нешто некому му значи – да го осудам демолирањето на куќата во скопско Драчево каде толпата насилно навлегла на приватен имот со цел да линчува и да тера своја правда по принципот на Дивиот Запад. Тоа едноставно е недозволиво. Затоа под итно треба правно да се регулира статусот на ПОА, а меѓу другото со цел да се избегнат ваквите немили случувања.

Но во исто време, би бил лицемер доколку не кажам дека го разбирам отпорот и неодобрувањето на македонскиот граѓанин кон политиката на Српската и Грчката црква и нејзините нус ефекти во Македонија.

Имајќи ја во предвид историската и политичката димензија на проблемот, сосема е разбирлив отпорот на Македонецот кон ваквите производи на српско – грчките црковно – политички кујни. Колективната историска свест претставува интересен феномен. Ако еден народ за цело време од својот историски развој се идентификувал со православната вера, па дури во даден историски период и националноста ја поистоветувал со припадноста кон православието, тогаш сосема е разбирливо што тој ист народ во услови на стекнување на државност (1944 г.), а посебно на државна независност (1991 г.) со потполно право не сака да прифати ништо друго освен автокефалија на својата православна Црква. Уште повеќе доколку тој ист народ има лоши историски искуства со соседните Цркви кои играјќи на картата на верските чувства целосно се ставиле во служба на големодржавните политики на владите во Белград, Атина и Софија.

Што се однесува до контактите на МПЦ со останатите православни цркви не сум воопшто компетентен да дискутира. Сепак од она што можам да го прочитам и видам не сум баш сосема сигурен дека патријархот руски Алексеј I е единствениот висок црковен великодостојник кој ја има посетено Македонија за овие 40-тина години. Како што мене ми е познато, владиците на МПЦ на неколку пати одржале заедничка литургија со високи архиереи на Романската и Бугарската црква, како во храмовите на МПЦ така и во странство. Освен тоа Богословскиот факултет во Скопје во повеќе наврати има организирано предавања на православни теолози од странство. Значи сепак таа изолација на МПЦ не е потполна како што тврди ПОА.

Мојата перцепција е дека православниот свет, или барем поголемиот дел од него, се согласува со констатацијата дека црковниот спор меѓу МПЦ и СПЦ е од чисто политички. Да не се лажеме, на сите ни е јасно, верувам и на Вам, дека спорот околу македонското црковно прашање е од политичка природа.

Правилно сте забележале дека нештата ги опсервирам од „нецрковен“ аспект. Јас би рекол од научно - историски аспект. Тоа е единствениот начин кој нуди вистинска слика на проблемот. Проблемот воопшто не е црковен. Во спротивно како поинаку може да се толкува непримената на 38-то правило на Петтиот вселенски собор кое ја повторува завршната одредба на 17-то правило од Четврвтиот вселенски собор, а според кои канонски одредби македонскиот народ има целосно право на афтокефална Црква. Впрочем ако спорот е од црковно – канонска природа тогаш нејасно е зошто се оспорува националниот предзнак во името на МПЦ. Знам ќе се повикате на етнофилетизмот. Но зарем не ви се чини дека повикувањето на етнофилетизмот, посебно од оние кои го практикуваат (мислам на ГПЦ и СПЦ), не е обично лицемерие и потсмевање со сите нас. Зарем мислат дека сме толку наивни да поверуваме во нивната приказна. За етнофилетизам обвинуваат оние кои истиот го практикуваат. Тоа е како кога нацистите би обвиниле некого за расна омраза. Притоа да не бидам погрешно разбран, примерот е само за компарација, а никако за поистоветување.

Оттука јасно е дека не се работи за проблем од канонска природа туку за нешто сосема друго; многу посуптилно. Зад обвинувањата за етнофилетизам, а особено зад повикувањето на наводна соборност и евангелизација се крие националниот шовинизам и хегемонизам на соседните православни Цркви, особено на ГПЦ и СПЦ. Некои високи архиереи на СПЦ сеуште живеат во првата половина од XX век. СПЦ, за жал сеуште ги живее своите историски митови. Затоа не може да се ослободи од нив и да погледне напред.

Како пример за сето горе наведено, а особено како пример за политичката димензија на проблемот во лицето на српскиот хегемонизам – како единствена вистинска пречка за надминување на спорот – ќе го цитирам блаженоупокоениот епископ жички д-р Василиј (Костиќ) кој во една дискусија околу признавањето на МПЦ рекол дека Македонија е всушност класичниот српски југ и оттука е неисцрпна ризница на српството.

Сепак на крајот морам да напоменам дека не сите српски архиереи имале ригиден став кон македонското црковно прашање. Некои од нив надминувајќи го митот за српството сосема јасно истапиле во правец на признавањето на автокефалноста на МПЦ. Еден од нив е блаженоупокоениот епископ браничевски Хризостом (Воиновиќ), еден од најпочитуваните српски теолози кој воедно важел за „патријарх во сенка“ во времето на патријархот Герман, кој на еден состанок на кој се рагледувало македонското црковно прашање храбро го изнел ставот дека СПЦ треба да покаже далековидост и да ја признае автокефалноста на МПЦ. Меѓутоа, за жал неговиот став не наишол на прифаќање.
Во овие денови на искушенија насушно ни недостигаат токму вакви вистински авторитети, теолози а пред се слободоумни луѓе, како епископот браничевски Хризостом (Воиновиќ).

Сосема на крајот би сакал да кажам дека искрено верувам дека ќе преовладее разумот на двете страни. Ова не е никаква флоскула туку искрена желба спорот најбрзо што може да се надмине. За доброто на сите нас, Македонци, Срби, Грци, Бугари итн. Дај Боже сите овие несогласувања да се надминат во најбрз можен рок и конечно да станат дел од еден завршен историски процес интересен само за историчарите.

Чест ми е.
Со должна и навистина искрена почит
Драган

Кибицер рече...

за Игор.
благодарам за линкот. Не сум имал прилика да го посетам блогот. Телекомов сите не коле па морам максимално да бидам внимателен со импулсите:))) Затоа од брзање при пишувањето понекогаш има и по некоја граматичка или печатна грешка.
Поздрав

иг. Давид (Нинов) рече...

Почитуван
г. м-р Зајковски,
нашиот превод за грчкиот збор историја е - повест. Оттука, голиот и хронолошки след на настани, секогаш носи опасност да ги инфицира повестничарите со неплодност, доколку не вкусат - емпирија. Значи - внатрешно искуство, духовен опит. Ми се чини, само така минатото може да има иднина.
Коренот од стеблото на православниот човек е свртен кон небото, во футур-от. Заради отсуството на таквата есхатолошка перспектива, голем дел од денешното македонско граѓанство останува роб на демоде-фразата „српско грчко бугарска црковно политичка кујна“. Постојано некој друг им е виновен за се. Предуслов, пак, за добар подвиг е да се побара и најде грешката во себе. Тезата
пласирана од комунистичката номенклатура дека прашањето за МПЦ е политичко, е мошне опасна и работи на нивна штета во православната јавност!
Доколку прашањето за положбата на МПЦ, како што и вие нагласувате, навистина е политичко,
тогаш логична последица е - МПЦ е политичка организација, нејзините клирици се политичари,
односно политичарите се нејзини клирици. Тие си ја готват МПЦ во нивните политички рецепти,
насочувајќи го апетитот на дел од месољубивиот народ на пр. кон ПОА, што е ступидно за демократските гурмански вкусови. Истиот тој народ, којшто во прегладнетоста доброволно прифати да го легнат на референцата БЈРМ, како на брашно измешано со трици.
Немам намера да бранам било чиј етнофилетизам, а најмалку српскиот. Но, како што и самиот
несвесно посочувате, тогаш потребно е и да се прашате - зошто МПЦ бара статус токму од Пеќката Патријаршија? И, зошто ниту една помесна црква не ја признава самопрогласената
автокефалија? Зар, цел свет е заложник на Пеќ? Зар и помесните цркви во Јапонија, Финска, Естонија...? Зар, тие не смеат да направат ништо без да ги прашаат Србите? Та, зар не е познато дека давањето автокефалија, исклучиво е прашање на сеправославна согласност. Зар не е извесно дека сите коишто биле во раскол како што сега е МПЦ, морале повторно да се обратат за признавање од оние од коишто се отцепиле? Зар не е јасно дека, после долгата схизма, датумот на признавање на древната Црква во Бугарија од страна на Цариград, со сеправославен консензус е 13. 03. 1945 година, а достоинството Патријарх дури 1961 година? Зар не е неблагодарно повикувањето на лоши примери?
Емилија Гелева во нејзината најнова колумна за „Дневник“ пишува: „во секоја смисла сме
провинција, не само економска и културна, туку и комуникациска“. Во гетото на информативниот мрак се гледа само парче небо.
Останувајќи со нескриена надеж дека сите заедно ќе се восхитуваме при глетката на полнотата, уште еднаш се заблагодарувам за вашиот стручен одговор: дека Прличев, Цепенков и
Миладиновци се изјаснувале како Бугари, замолувам да ме извините доколку предизвикав, од прашањето разговорот да појде во друга насока, за којашто можеби се потребни зададена тема и простор,
и,
срдечно до следната прилика.

Кибицер рече...

Почитуван г. игумен Давид,

Навистина дискусијата премина во друга насока. Но само уште неколку збора колку да не останам недоречен.

Почнувајќи од времето на Константин Велики па се до денес, Црквата повеќе или помалку, подзаскриено или јавно, суптилно или директно, освен примарната есхатолошко – сотеролошка има и политичка функција. За жал, но вистинито.

Впрочем, Кристијан Баталден во неговата Преиспитување на традицијата одлично забележува дека низ целата црковна историја, секоја нова етапа од нејзиниот развој го карактеризирале крупни политички трансформации кои секогаш барале редефинирање на односот меѓу Црквата и етаблираната политичка власт.
Секогаш државата, на многу суптилен начин се обидувала да ја искористи Црквата за реализирањето на своите политички агенди. Тоа особено е случај во балканската историја. Ваквите состојби се дефинирани врз основа на медолошките историски истражување од областа на црковната историја. Тие претставуваат „алфа“ во сите историски научни трудови чиј што предмет на истражување е црковната историја; од времето на Константин Велики (па дури и пред Константин; прогонот на христијаните, причините за прогонот и сл.) па се до најновиот петти период од развојот на Црквата или т.н. посткомунистички период.

Целосно се согласувам со вашиот став дека нашиот менталитет не тера секогаш другите да ги обвинуваме за нашите историски грешки и направени неправди. Токму оттука произлегува потребата да учиме од историјата. Во спротивно таа секогаш ќе ни се повторува во различен облик но секогаш со исти последици.

Затоа, врз основа на историското искуство, треба цврсто да се опстои на идејата за автокефалност и неменување на името на МПЦ. Ако Руската црква својата битка за автокефалност ја водела 150 години, а Бугарската 80 години, тогаш што се нашите 38 години барање правда. Нивното историско искуство не учи дека треба храбро и мудро да се издржат тешките моменти, а дека правдата иако бавна сепак нема да не заобиколи. Сето друго е повторување на историските грешки.

Војните и проблемите, вклучително и оние на Балканот, не ги предизвикуваат историчарите, или барем не оние кои Андреј Митровиќ ги дефинира како „неангажирани“.

Со почит
Драган

Александар З рече...

Кибиц,

браво, бе, машко. Секоја чест. Човек може само да учи од тебе за смирение.

Александар З рече...

Да не заборавам, може сајтовите и изложеното на нив да ти се види климаво, ама се изнесуваат интересни тези и аргументи на истите - што се сосема различни од актуелното англо-германско толкување на балканската историја.

Почни од овде
и има уште два блога од истиот автор. За читање без предрасуди.

Александар З рече...

Пак јас... (надвор од темата)

за да не се нервираш и да си мериш време на дајал-ап, вчера во муабет со еден пријател разбрав дека пакетот што го дава мт-њет за 100 саати за 600 денари дајал-ап (всушност за 700 + 200) може да ти биде исплатлив (да не се брзаш, пошто и онака пишуваш само после полноќ). Ако трошокот за интернет досега ти бил од 1000 до 1200 денари, вака добиваш барем нешто повеќе време за истите пари.

Старт-АДСЛ немој да земаш ни на сон, под сегашните услови. До септември очекувам Максот да падне на 1500 ден. месечно (ги чека ребрендирање, бегање на старите муштерии што им истекува договорот и сл.)

Развигор рече...

Не контам што имаат врска преродбениците од 19 век и Вранишковски со книгата на Борза?

Отворете друг пост за тоа па дискутирајте таму, навистина е без врска вака цели фермани на промашена тема да одат.

Колку што сваќам, „Под сенката на Олимп“ се однесува на периодот пред да се појави христијанството воопшто.

Александар З рече...

Уф, колку имаат, не можеш да си претставиш.

Кибицер рече...

Александар, благодарам за советот.

Денес ми се јавија од мт - нет да ме убедуваат за АДСЛ. Демек 1000 денари месечно со 512мб сообраќај. Ама некако не им верувам воопшто. Сигурно се крие некоја скриена намера.

На дајал - ап пакетот 100 часа за 600 денари најверојатно ќе се приклучев ама и тука нешто ми смрди. Во промотивниот флаер во аголот со ситни букви хокштаплерите од Телеком напишале дека промоцијата на пакетот трае до 31 март. Тоа некако ме прави сомничав. Што им значи таа клаузула. Дали потоа по тој период условите ќе останат исти или ќе измислат некави мајмунлаци.
Доколку по 31 март остане се ОК со понудата 100 за 600 најверојатно ќе го земат тој пакет.

Кога е Телеком во прашање не им верувам па дури и Гергана и Наташа Беквалац да одат заедно гратис со пакетот:))) Кога ќе се изгориш и во маштеница дуваш:)))А ме гореле, еееј:)))

Александар З рече...

Добро што си претпазлив.

СтартАдсл-от за 1000-ка има една ГООООлема маана: загарантираните 512 МБ се трошат многу брзо (особено со зголемената брзина). 2 гига е некој оптимум за сурфање (без симнување филмови, само апдејти за антивирусот). Значи, во старт имаш 1200 ден. основен трошок (18% ДДВ и 1 или 2% манипулативен трошок) плус 3 по 207 денари ако си до два мега. За тие пари имаш Макс.

А ова со 100 саати за 700 ден. има друга финта. Пакетот ќе си постои и после 31 март, дотогаш само го нудат. Туку, ко што ми кажа другар ми во сметката му доаѓа комплет пресметка за часовите што ги поминал на интернет (секој пресметан посебно - евтина, средна, скапа тарифа) коишто се пресметани по полна цена, па на таа цена вадат манипулативни трошоци и не знам уште што, па после одбиваат 100 претплатени часа (од 20 до 06). Мора да украдат нешто, макар ситно.

Ко што ти реков, ако за интернет трошиш повеќе од 1000 денари месечно, земи си го тоа пакетче. Имаш и опција вај-фај од он-нет, ама тоа подразбира трошок за инсталација.

Забегавме вон тема, ама штом има чаре, шо да се мачиш. (се разбира, и за жал, ако имаш спонзор или добра плата, Макс-адслот останува најдобра опција).

Александар З рече...

Дополнение на претходното - сурфер 100 важи само до 31 март.

Развигор рече...

Александар З, ај те молам објасни ми што сакаш да кажеш..? Инаку гледам дека муабетов забегува на најразлични страни... Можеби и АДСЛ-от има врска со содржината од книгата на Борза?

ЛичноЈас рече...

Кибицер,

се ми се чини дека твојата изјава за тоа како се чувствувале македонските преродбеници ќе биде извадена од контекст, селективно цитирана, да не речам злоупотребена.

Ете, запнале луѓето да докажат дека Македонците се Бугари.
А Св.апостол Павле вели:"За сите станав се'... ".

Но, да почекаме. Јас сакав само да те предупредам на можниот тек на настаните.
(Ако не ти е јасно зошто го пишувам ова, ќе почекаме малку, па ќе дискутираме).


Поздрав.

Vasil Trajkovski рече...

"...Vizanticite za celo vreme do 1453g.se pishuvale kako Romei(Rimjani).Dali navistina bile rimjani?NE."
Se izvinuvan, no beshe neophodno da ja citiram ovaa "genijalna misla".
Stavot deka rimjanite ne se rimjani,iskazan od istorichar vo kontekst na tezata deka bugarite ne se bugari, e vrvot na genijalnosta od tipot na V.Iljov i kompanija.
Rimjanin,rimski graganun e status.Toa e pravna kategorija,a tezata deka se "pishuvale" e ili neznaenje ili podmetnuvanje.Rimskata imperija e univerzalna, a vo ovoj pogled ima samo pravna formula koja,kako za primer, ja koristi i apostol Pavle.
Krajno e nechesno nechij status ili izjasnuvanje da se negira niz tolkuvanje so mnogu jasen interes vo pozadina.

Анонимен рече...

Looking for information and found it at this great site... »