Првиот обид на МОК да ги стави под своја организација зимските нордиски игри бил направен во 1911 година. Како повод било искористено претстојното одржување на V-те Олимписки игри во Стокхолм закажани за 1912 година. Притоа МОК побарал од Шведскиот олимписки комитет на претстојните Олимписки игри да бидат вклучени и зимските спортови. Меѓутоа Шведска се спротиставила на ова барање и одбила во олимписката програма да вклучи нордиски дисциплини.
Сепак, МОК не се откажал од воведувањето на зимските спортови во олимпиското семејство. Имено, МОК донел одлука веќе на наредната VI-та Олимпијада која требало да се одржи во Берлин во 1916 г. да се воведат зимски спортови. Меѓутоа поради започнувањето на Првата Светска Војна, Олимпијадата во Берлин била откажана, а воведувањето на зимските спортови пролонгирано.
По завршувањето на Првата Светска Војна, на првата следна или вкупно VI-та Олимпијада одржана во Антверпен во 1920 година, како нови олимписки дисциплини, биле воведени уметничкото лизгање и хокејот на мраз. Притоа во дисциплината уметничко лизгање во женска конкуренција златото го освоила Магда Јулин, а од мажите прв бил Гилис Графстром; двајцата од Шведска. Во дисциплината двојки олимпиското злато го освоил финскиот пар Лудовика и Валтер Јакобсон. Златото во хокеј на мраз го освоила Канада, втори биле САД, а бронзениот медал Чехословачка.
Во 1922 година МОК донел одлука зимските спортови да се одделелат од летната Олимпијада. За таа цел било решено да се организира Меѓународна зимска спортска недела под покровителство на МОК.
Првата Меѓународна зимска спортска недела се одржала од 25-ти јануари до 4-ти февруари 1924 г. во Шамони, Франција. Поради огромниот интерес, наредната 1925 г., МОК решил Меѓународната зимска спортска недела да ја издигне во ранг на Зимски олимписки игри. Во тој контекст игрите во Шамони биле прогласени за прва официјална Зимска Олимпијада. Наредните, Втори ЗОИ се одржале во 1928 г. во Сент Мориц, Швајцарија.
Се до 1992 година летната и зимската Олимпијада се одржувале во иста година. Но од организациски причини, МОК донел одлука за временско разграничување меѓу одржувањето на ЛОИ и ЗОИ. Во овој контекст, само две години по одржувањето на ЗОИ во Албервил во 1992 г., биле одржани ЗОИ во Лилерхамер во 1994 година. На тој начин била направена временска разлика од две години меѓу одржувањето на ЛОИ и ЗОИ.
Утре започнуваат XX-те Зимските олимписки игри кои ќе се одржуваат од 10-ти до 26-ти февруари во Торино, Италија.
2 коментари:
...ај со среќа блогчево -- глеам и ти си тазе блогер ко мене! :-) ...имаш интересни текстови...само така да продужиш...
...него менјаме линкови -- т.е. може ли да те стаам у линкови кај мене??
Gjole, искрено фала. Да ти се врати. Прати ми го линкот по mail со задоволство ќе го ставам на мојов блог.
Објави коментар