Притоа, обичните граѓани во Европа неможат да разберат како може една обична карикатура да доведе до така жестоки реакции. Притоа го забораваат фактот дека спорната карикатура е само повод, а никако причина за насилството. Причините се многу покомплексни.
Реалноста говори дека агресивната глобализација до толку ја има извитоперено перцепцијата на „западниот“ човек што тој никако не може да разбере дека слободата на печатот и говорот не се апсолутни категории. Мора да се внимава на чувствата на другите. А религиските чувства се најосетливата материја.
Притоа воопшто немам намера да ја бранам идиотската фатва на Хомеини кон Салман Ружди, ниту талибанскиот начин на владеење и попречување на слободите на изразување и живеење, ниту, пак, мешањето на религискиот фундаментализам (од секаков вид) во науката. Меѓутоа „западот“ мора да разбере дека не е глобален газда; дека сите немаат иста перцепција на слободата на критика.
Верувам дека данскиот весник воопшто немал намера да ги навреди мулиманите, туку само на саркастичен начин да ја критикува употребата на исламот во терористички цели. Меѓутоа воопшто не се водело грижа за чувствата на милионите „обични“ муслимани, за спецификите на социјално – општествените и посебно за културните прилики во муслиманскиот свет. Доколку не биле заслепени од глобализацијата, данските уредници можеле да најдат мал милион други начини за критика на муслиманскиот фундаментализам на саркастичен начин, без притоа да предизвикаат вакви реакции. Веројатно се воделе од приликите карактеристични за западните општества, без притоа да размислат дека Данска и Либан не се исто. Истата карикатура, но со Исус како терорист, ни оддалеку нема да предизвика исти реакции кај „обичниот“ западен човек, како што тоа го предизвика спорната со Мухамед сред граѓаните на Блискиот Исток. Ако Петко гледа либерално на карикатурите со Исус, папата, патријархот и архиепископот, а неретко му се и симпатични, тоа не значи дека и Рафиз од Либан ќе реагира слично за карикатурата со Мухамед. Притоа ниту Петко, ниту Рафиз не се фундаменталисти, а сепак различно реагираат кога се во прашање религиозните чувства. Се работи за културолошки и социолошки разлики кои мораат да се почитуваат за да има толеранција.
Судирот е најжесток во Либан, земја во која до пред 15-20 години беснееше граѓанска војна со религиозен предзнак, т.е. каде што имаше отворен вооружен конфликт меѓу мулиманската и христијанската (маронитска) заедница. Убаво рекле старите:„се кине таму каде што е најтенко“.
Оттука, веќе кога штетата е направена, на данските весници не им преостанува ништо друго, но да им се извинат на сите оние чии верски чувства ги повредиле. Тоа е најмалку што можат да направат. Притоа воопшто не ја разбирам тврдоглавоста на данската влада. Што ја „кошта“ и таа да се извини наместо да се крие зад слободата на печатот. Од зборови никој не останал труден, а притоа работите можат да се смират.
7 коментари:
Мислам дека фундаменталистите бараа само повод за насилство.По не знам кој пат го инструментализираат исламот,за нивните грозоморни планови. Со таквото поведение му помагаат на Буш да стекне поддршка во напорите за прегазување на Иран.Прашање е дали главешините на фундаменталистите не се под водство на некоја тајна служба.
И твоево држи вода, мајсторе. Ама ако тоа им е цел на јенките тогаш гадно се зезнале. Карокатурата и сите последици од неа само придонесоа да се обедини муслиманскиот свет. Ајде сега нека се обиде САД да го нападне Иран. Сите муслимани ќе се обединат во одбрана.
Ахем, ова на САД им одговара за напад на Иран. Особено откако претседател им стана оној нивнион Милошевиќ (абе, биваше да е толку исто глуп? Или е исто платен?) - сè што прави им оди од рака на САД - ко кец на десетка. Да беше Рафсанџани или друг имам претседател, ќе имаше поумерени реакции.
А тоа дека некој ги турка реакцииве, јасно е по хронологијата на настанот (кој ќе линка сега до Би-Би-Си, може уште е на првите страници) - карикатурите на Мухамед (кибиц, ме навредуваш со тоа „пророкот“ - мене не ми е пророк и идам сега да ти го запалам блогот ;) ) биле објавени на 30 септември 2005, а потоа повторно објавени пред Нова Година како илустрација за некој текст. Саудијците реагираа околу 1 февруари! (со некупување данско сирење - 100 души изгубиле работа). А маслото го долија „либералните“ европски весници (што ги разбирам - и мене би ме фатил инает) што ги реобјавија карикатурите. Палењата почнаа дури тогаш.
Башка, пред два-три дена на Би-Би-Си слушам вести каде што некоја будала имамска бара Данска да ги екстрадира карикатуристите да им суди исламски суд! И го прашува водителот - каква казна би добиле? А овој одговара - најверојатно смртна, ама тоа не е важно, затоа што и вие барате екстрадиција на криминалци од муслиманските земји за да ги судите кај вас.
Не да некој хушка, кутри нормални луѓе со муслиманска вера. (вон.тема - ливче закачено на лондонското метро после бомбите што експлодираа „Ако личите на странец и носите ранец, немојте да трчате по возовите заради ваша безбедност“, потпис - управата на лондонското подземје ;)
Александар, и твоето држи вода. Ама повторно ќе кажам доколку намерата на „чичко Сем“ е да најде начин за компромитирање на муслиманите на Блискиот Исток, а во функција на подготвување на американската и европската јавност околу оправданоста на евентуалната воена интервенција против Иран, е тогаш Кондолиза Рајс ги измешала лончињата. Можеби навистина доколку продолжат немирите и палењата на странските амбасади, во САД и ЕУ ќе се зголеми процентот на оние кои ќе го подржат военото решение на „иранскиот“ проблем, но од друга страна ќе се соочат со обединет отпор на сите муслимани. Постигнат е контра ефект. Карикатурите го обединија муслиманскиот свет. Тој никогаш не бил поединствен. Од Либан, преку Саудиска Арабија и Сирија, па се до Авганистан и Босна.
Што се однесува, конкретно до карикатурите, убеден сум дека тие се само повод, а никако причина за избувнувањето на бранот насилства. А причините се многу покомплексни. Тука е пред се судирот на цивилизациските вредности.
Како што вели еден мој пријател „ако Европа или поточно Холандија го имала еден Спиноза во XVII век, сеуште на Блискиот Исток и Иран, денес во XXI век, муслиманскиот Спиноза би горел на клада“. Најдобар пример е фатвата против Салман Ружди. Тоа за христијанската цивилизација е просто неразбирливо. Од она што во XVII, а посебно во XVIII и XIX век, Европа го прележала како детски сипаници, од истото тоа денес, на Блискиот Исток и воопшто во муслиманскиот свет, се умира.
Повторно ќе кажам дека разликите се цивилизациски. Затоа треба многу внимание, мудрост и разбирање. Како пример на сите белосветски „олеснувачи“, „пиромани“ и „пожарникари“ нека им послужи обраќањето на владиката Наум.
Точно, нам христијаните ни е несфатливо како може некоја будала да ти навреди „верски чувства“ - затоа што гревот е негов, не е твој. Затоа и имаме куп вицови за св. Петар на портите на рајот, ко што имаат и Евреите на своја сметка.
Имам контакт со луѓе од различни вероисповеди, меѓу другото и со муслимани. Едно сум забележал - исто е како кај нас. Има нормални и ненормални луѓе. Баш минатата пролет еден „аџија“ нивни сакаше да убие човек на мој имот, па му ја пуштивме мајка ми да го избрка (тоа беше бетер отколку да му покажам слика на Мухамед - да му пратиш жена да се расправа со него бидејќи не сака да ги послуша мажите - чудно што не ми ја запали куќата после :) ) А во војната 2001-ва нашата чета имаше поручник Албанец што беше верник (се клањаше во џамија). Верувал или не, само со него можев да правам теолошки муабети - од нашите „крстени“ - 100 на број - ниеден немаше здрава вера (не отвориле Библија во животот).
Меѓутоа, ако твојата духовност (вера) не те прави духовит (на своја сметка) - што ти вреди? За мене тоа значи дека немаш дух (духовноста и духовитоста се многу поврзани).
Што се однесува до „пироманите“ - целта им е толку да нè нахушкаат сите нас едни против други. Може да ти личи на заговорничка параноја, ама има луѓе во светот што му служат на злото и имаат некои цели што на обичен човек му се непоимливи. Ова е токму доказ за тоа. Но, бидејќи и хушкањето го сметам за ограничување на мојата слобода, не мислам така лесно да им се дадам. Христос убаво ни вели - мрази го гревот, а љуби го грешникот.
Се читаме
Во врска со овој проблем честопати кај нас може да се забележи едно мнение дека, всушност, тоа е масло на „препредените“ масони, коишто, нели, ја злоупотребуваат слободата на изразување со цел да ги шиканираат, навредуваат и провоцираат „кутрите“ муслимани.
Колку и да се примамливи теориите на заговор, тие ретко кога се точни. Да не заборавиме, истото тоа право на слободно изразување, кое му овозможува на било кој карикатурист да нацрта кого сака,им овозможува на муслиманските имигранти во Европа да имаат џамии и да го проповедаат исламот. Правото да се карикатуризира Мухамед и правото на муслиманските доселеници во сред Лондон да демонстрираат со транспаренти на кои пишува - "Buthcher those who insult islam", "Behead those who insult islam", "Exterminate those who slander islam", "Freedom, go to hell" без притоа да претрпат никакви последици се, всушност, две страни од истата медалја, којашто се нарекува - слобода на изразување. Од моја гледна точка, апсолутноста на таа слобода повеќе е проблематизирана од страна на самите муслимански клерици во Европа, коишто со години без било какви пречки во своите џамии проповедаат отворено и незадскриено насилство отколку од неколку дански карикатури, кои попрво се наивни одошто свесно навредливи.
Исто така, браќата муслимани треба да бидат внимателни во своите барања за ограничување на слободата на изразување, зашто и тоа, од своја страна, е меч со две острици: Имено, ако може на некого да му се забрани што да пишува или црта, да не се изненадат ако утре некој и ним им забрани јавно да ја исповедаат својата религија и да им кажува што може, а што не може да се проповеда во џамија (да не ја бараат тогаш таа слобода што сега толку „великодушно“ ја праќаат во пеколот).
Конечно, кога се ќе се стави на кантар, заклучокот (барем за мене) е јасен: И најлошиот облик на слобода на изразување е подобар од најдобриот облик на цензура.
Р. Ѕ. А и кога станува збор за „навредливиот“ характер на фамозните дански карикатури, да не бидеме наивни...Секако, свесни сме како десетлетија наназад Христијанството на најгнасен и најциничен начин беше изложено на потсемавање и газењње, па никој не се закануваше со убиства, не колеше и палеше (не станува збор единствено за карикатури - да се сетиме само на филмови како „Брајановото Житие“ или „Последното Христово Искушение“, па и на „бестселери“ како „Кодот на Да Винчи“ итн). Не држи многу вода ни твредењето дека муслиманите за разлика од секуларизираните западњаци многу повеќе ја почитуваат било која религија. Па токму арапските (и муслиманските воопшто) весници со децении објавуваат такви гнасни карикатури и цретежи со антихристијанска, антијудејска и антихиндуистичка содржина (кои, секако, елементарната пристојност ме спречува макар и вербално да ви ги опишам), во споредба со коишто славните дански карикатуристи се детинести аматери. Оттука малку „лигави“ и недоветни ми изгледаат крокодилските солзи на некои црковни великодостојници кај нас, кои, ете, толку се притресоа поради „навредата“ нанесена на „пророкот Мухамед“ (иако, нејасно ми е како може да го нарекуваш Мухамед - пророк и да продолжиш да бидеш Христијанин), а од дуга страна го премолчуваа и го премолчуваат многу посилното подигрување со Христијанството и неговите симболи како на Западот така и во исламскиот свет. Навистина, неразбирлива хипокризија.
И за на крај, да ве прашам нешто - кој е симболот на нашата позната обезбедувачка агенција „Комета“? - зарем не беше тоа ликот на Буда Маитреја во непристојна и навредлива поза. Значи, драги мои Македонци, внимавајте другпат кога патувате по Тајланд, Шри Ланка, Јапонија, Кореја... зашто никогаш не се знае кога некој ќе ве киднапира, заколе или обезглави поради таа страшна навреда.
Објави коментар