Почетокот на аферата Мис Стон се датира кон крајот на летото 1901 година кога всушност била киднапирана американската мисионерка г-ѓата Елен Стон. Со тоа започнала 6 месечна мистериозна афера. Главниот мотивот за киднапирањето на Елен Стон, биле финасиските потреби на Организацијата. Имено уште во летото 1901 година на едно советување во Ќустендил, помеѓу Гоце Делчев, Јане Сандански и Христо Чернопев, Сандански предложил преку киднапирање на високи политички личности да се издејствува паричен откуп и воодно да се сврти вниманието на меѓународната јавност кон македонското ослободително движење. Најпрво било предложено да се киднапираат бугарскиот кнез Фердинанд или Сулејман-бег од Горна Џумаја. Меѓутоа овие планови останале нереализирани.
Со слични намери, Сандански и Чернопеев летото 1901 година заминале во Разлошко. Нивната намера била да го киднапираат протестантскиот мисионер од Солун, д-р Хаус. Но и овој, впрочем како и претходните два плана останале нереализирани. Имено, мисионерот Хаус го одложил патувањето за Разлошко и оттука планот за неговото киднапирање пропаднал. Меѓутоа, сега Сандански од локалното население дознал дека во Банско се наоѓа протестантската мисионерка г-ѓата Елен Стон и оттука решил да превземе акција за нејзино киднапирање.
Дозвола за планот за киднапирање била побарана од Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Притоа, Делчев изразил колебање, а Петров не верувал дека ќе се извлечат големи пари. Оттука, творците на планот одлучиле да дејствуваат на своја глава, без јасна согласност од Делчев и Петров.
Киднапирањето било извршено на 21.08 (ст.стил) односно според новиот календар на 03.09.1901 година. Групата која ја придружувала г-ѓата Стон броела тринаесет луѓе. Сепак во заробеништво биле задржани само г-ѓата Стон и Катерина Цилка која била бремена во 5 месец, а останите од групата биле ослободени.
Првиот обид за контакт меѓу Сандански како водач на групата од една и раководителите на протестанската мисија во Македонија од друга страна бил направен само шест дена по грабнувањето. Имено, на 9.9.1901 година во Селиште, г-ѓата Стон била натерана да го напише првото писмо со што требало да започнат преговорите за откуп.
Во случајот Мис Стон се вмешал и Американскиот департмент. На 3.10.1901 година, американскиот државен секретар му препорачал на секретарот на Американскиот совет, дека парите за откуп можат да се соберат по пат на доброволни прилози. За таа цел во САД бил формиран Комитет и била отворена посебна сметка во банка.
Паралелно со ова, американската дипломатија се обидела да изврши притисок и врз властите во Софија бидејќи сметале дека четата со грабнатите жени можеби се наоѓа на бугарска територија. Тие сметале дека бугарската влада може да влијае врз грабнувачите да ги ослободат киднапираните. Меѓутоа ваквата нивна проценка се покажала како сосема погрешна. Сандански во ниту еден момент не бил во никаков контакт, ниту пак под било какви инструкции од бугарските власти.
До директна средба и преговори меѓу Крсто Асенов и американскиот дипломат Дикенсон дошло на 5.11.1901 година во хотелот „Бугарија“ во Софија. Преговорите продолжиле на 8-ми и 13-ти ноември. На последната средба Дикенсон понудил 10.000 лири за откуп. Сепак тој не успеал да ги убеди преговарачите за висината на откупот. Освен тоа, Сандански инсистирал парите да се предадат во Бугарија, а ослободувањето на заложничките да биде на османлиска територија. Наспроти тоа, Дикенсон инсистирал предавањето на парите и ослободувањето на жените да се извршат во исто време и место.
Во овој контекст треба да се напомене дека Дикенсон не бил единствениот преговарач. Вршителот на работите во Цариград во првата декада на ноември побарал дозвола од Департментот, во Солун да го испрати легациониот секретар Гарџиоло за да воспостави контакт со четата на Сандански. Освен тоа Департментот предложил да се формира и комитет за преговори.
Соочени со се поголемиот притисок од врховистичките вооружени формации Сандански со заложничките ја минал границата на Бугарија и се сместил во с. Црвиште каде останале околу 3 седмици. Сложената и напната ситуација го принудила Сандански на 17.12.1901 година да и соопшти на г-ѓата Стон, дека тие се готови да ја ослободат за каква било сума.
Соочен со се поголемата опасност да бидат откриени од бугарските полициски и воени власти Сандански повторно наредил да се вратат во Македонија. Тој планирал да замине во родното Влахи, каде според него било најбезбедно да се породи Цилка. На пат кон Влахи, Цилка ги добила породилните болки и затоа се сместиле во една куќарка крај с, Србиново каде всушност и се породила.
Преговорите за ослободување добиле нов поинтензивен тек со формирањето на Комитетот за преговори. За да ја олесни работата на Комитетот американскиот вршител на работите во Цариград објавил дека располага со 66.000 долари.На 31 јануари 1902 година дошло до средба меѓу претставниците на Комитетот за преговори од една, и Сандански, Крсто Асенов и Сава Михајлов од друга страна. Американската страна од името на владата САД се обврзала дека ќе ги чува во строга тајност местото и времето на размената.
По добивањето на откупот Сандански требало да ги ослободи грабнатите жени. Меѓутоа поради силното присуство на османската војска во Серско, четата не успеала да ги ослободи жените во договорениот рок. Сепак преку свои канали четата успеала да ги пренесе во близината на Струмица каде што биле ослободени на 23.2.1902 година.
Парите од откупот по наредба на Сандански, Асенов и Михајлов биле пренесени во Бугарија. Во овој контекст треба да се потенцира дека главните актери во аферата Мис Стон, Сандански, Асенов и Чернопеев од парите за себе не зеле ништо.
Она, пак, што е важно за македонското ослободително движење е фактот што аферата Мис Стон извршила огромна афирмација на македонското ослободително дело во меѓународната јавност и сред дипломатијата. Делумно за ова заслуга има лично г-ѓата Елен Стон, која по ослободувањето, во сите прилики со симпатии говорела за „нејзините грабнувачи“ и македонското ослободително дело.
Нема коментари:
Објави коментар