среда, октомври 24, 2007

Грчки оган

Сите сме слушнале за молотовиот коктел, фрлачите на пламен и напалм бомбите, мошне често користени оружја во современиот начин на војување. Но ретко кој се запрашал кога за прв пат се употребени овие „машини за блуење на оган“. Одговорот на ова прашање треба да се бара во средновековните византиски хроники. Токму таму, во Византија, во VII век за прв пат е употребен т.н. грчки оган, кој подоцна ќе стане едно од најмоќните оружја во средновековието.

Грчкиот оган бил тајното оружје на Византија. Тој за прв па т се спомнува од страна на Теофан Исповедник (760 – 818) кој го дава податокот дека во 670 или 673 година, византискиот хемичар Калиник од Хиелиополис измислил моќно оружје кое веќе во 674 г. било искористено против Арабјаните кои го опседнале Константинопол. Од тогаш, па во вековите кои следеле, „грчкиот оган“ ќе стане едно од најопасните оружја на византиската војска.




Како што може да се види од средновековните манускрипти, „грчкиот оган“ најчесто бил користен при поморските битки. Сепак, истиот бил моќно оружје и при одбраната на опседнатите градови. Особено бил користен во моментите кога византиската војска се соочувала со недостаток на војници. Како што соопштуваат современиците, дури и самото спомнување на „грчкиот оган“ предизвикувало страв и паника во непријателските редови.

Денес, науката, се уште нема единствен одговор од што се состоел „Грчкиот оган“. Некои сметаат дека станува збор за мешавина од нафта, негасена вар и сулфур, а пак, други дека грчкиот оган е „коктел“ од фосфор и шалитра. Поради недостаток од изворен материјал, прашањето од што се правел „грчкиот оган“ останува отворено. Освен тоа, полемика предизвикуваат и прашањата како се транспортирал „грчкиот оган“, како се чувал истиот и сл.

Во продолжение следуваат две клипчиња со претпоставени реконструкции на „тајното византиско оружје“.









1 коментар:

GoodBytes рече...

На каналот Discovery лани гледав документарец за ова. Дури, луѓето направија мала флота со дрвени бродови и ги реконструираа оружјата, со цел да покажат како изгледала борбата за Константинопол.