Еднаш, не толку одамна, ни се случи „Фабрика“. Новинари беа спонзорирани од Владата на Македонија. Јавноста веднаш реагираше. Најмногу опозицијата. Со полно право. Сите бевме вчудоневидени. Не дека не знаевме за релациите власт – новинари, не дека прв пат слушавме за уредници кои се продале за службени патувања, туку едноставно, тоа беше прв случај да ги фатат со прстите во медот.
Јас не знам ниту еден блогер кој застана во одбрана на „фабрикантите“. Сите се деревме дека тоа е поткуп, корупција во обланда, задушување на објективното новинарство (што и да се подразбира под објективност во новинарството!), урлавме против „купените“ и повикувавме на одговорност. Ама тоа беше во едно друго време.
Пред некој ден, Оксиморон на својот блог ни понуди нова (читај убаво!) блогерска „Фабрика“. Имено, пишувајќи за некаква светска блогерска конференција која на почетокот на идниот месец треба да се одржи во САД, Окси покренува иницијатива до Владата на Македонија за спонзорирање на пет – шест т.н. релевантни блогери кои со буџетски пари би учествувале на истата.
„...ја поканувам владата преку својот ресорен министер Иво Ивановски да се ангажира и да обезбеди присувство на барем 5-6 македонски блогери на конференцијава... да реагира и обезбеди средства за реализација... Крајниот рок за пријавување и потврда за учество е 5-ти октомври. Значи, нашава влада има време од скоро 2 недели да се истакне...“
Оксиморон
Знаејќи дека потекнува од навистина сериозен блогер, јас сериозно се изјаснив против една ваква иницијатива. Зошто? Затоа што ми наликува на нова „Фабрика“ – блогерска. Само, сега, во друга режија. Непотребно трошење на буџетски пари, наметнување на лажен елитизам и обид за „врамување“ на она што не може да се стави во рамка: Блог сцената.
„... светска конференција па и финансирана од Владата ?... Не би било во ред никако. Јас јавно сум се декларирала за ВМРО, за екипата од Груевски одамна- но мислам не е добар таков линк, ни за блогерите, ни за Владата.”
Шурувањето со владини институции и спонзорирањето на подобни или т.н. релевантни блогери од страна на Владата ќе води само кон едно: Наметнување на лажен елитизам на блог сцената - „најслободниот“ и „најлиберален“ простор за израз на поединецот.
„Што е следно? Загарантирани пратенички места за блогери... Чудна е желбата на луѓето да си го осмислат своето неосмислено живеење.“
Мечето Ушко
И не само опасност од лажен елитизам. Туку и нешто многу поголемо. Наметнување на „правила на игра“. Бидејќи, нели, за да е се транспарентно мора да се дефинираат критериумите за избор на „подобен“ блогер. Дали тоа ќе биде посетеноста? Можеби бројот на коментари? Или дали Волан ме линкнал, односно Рибар исплукал? Можеби според бројот на текстови? Учество во меѓународни проекти?!?
“Мој личен став е дека хетерогеноста, независноста и спонтаноста на блогосферата се нејзините најголеми квалитети и би било грешка ако таа се формализира, ако се става во било какви рамки. Или лаконски кажано: кој сака сам нека си оди!”
Panta_Rei
Следејќи ја полемиката која се разви во врска со иницијативата на Окси, и ставот на некои блогери да не се изјаснуваат по истата, се прашувам како истите би реагирале, ако, на пример, Владата реши да спонзорира пет – шест новинари и им плати учество на некоја светска конференција на новинари? Што ќе е тоа? Промовирање на македонското новинарство во светски рамки? Или обид за „купување“ и „врамување“?
“На нашите блогери не им е место на таму некои конференции, како што кажаа претходно, побитно е да искажат со квалитетни содржини и на некој друг јазик освен мајчиниот. Апсолутно сум против вакво расфрлање на пари. Подобро да стипендираат некој надежен студент, уметник или сл, барем придобивката ќе биде поголема!”
Misos
Промовирањето на македонската блог сцена во меѓународни рамки ќе си дојде самото по себе врз основа на квалитетот кој ќе го понуди. Тоа нема ама апсолутно никаква врска со избор на „привилегирани“ блогери кои со буџетски пари би се шетале во САД. Ниту, Габриела Јовевска и Виолета Цветковска го промовираа македонското новинарство шетајќи се низ светот со буџетски пари, ниту, пак, петте „величенствени“ блогери ќе и донесат промоција на македонската блог сцена со тоа што ќе го видат Вегас.
“...очигледно е поблиску личната желба од глупите идеи на партиите на власт да ги поткупат оние шо имаат шо да напишат... со тоа шо од тие шо имаат шо да напишат... главно се работи за непрофилирани поединци со неизградени... бла бла бла... и тамо разни со недоисправени кичми... ебате!“
Хула Хопа
Во целата оваа полемика едно ме чуди. Што е тоа што некои блогери ги тера да се поистоветуваат со Петар Арсовски. Која е таа потреба да се биде нечиј инструмент.
И сосема на крајот: Оваа иницијатива и дискусијата по неа се прилично сериозна работа за да бидат сфатени на шега.
Токму затоа:
No Passaran!!!
п.с.
Во целата оваа ситуација се плашам дека Филип Петровски ќе „победи“ во трката за најрелевантен блогер кој ќе треба да не претставува во Вегас. Та нели беше конзул. Има искуство човекот.
Нема коментари:
Објави коментар