Иако првично наменет за театарски претстави, веќе во 3 век театарот бил пренаменет во арена за гладијаторски борби, а околу сцената била поставена висока заштитна мрежа. Започнуваат крвави претстави на гладијатори кои се борат со дивите ѕверови. А публиката во дилириум. Нешто слично како денешните бокс меч спектакли. Само што наместо во Лас Вегас и Ројал Казино, античките менаџери настанот го организирале во Стоби.
Речиси во исто време, 3 и почеток на 4 век, во арената на преадаптираниот театар во Стоби ќе почнат да се извршуваат егзекуции на христијани. Тоа е впрочем практика во сите поголеми градови во империјата – егзекуцијата на христијаните да се врши јавно, во театрите и арените, на очиглед на јавноста.
„Христијаните биле подложувани на сурови измачувања, биле облекувани во кожи на диви животни и биле оставани во арените да служат како плен на лавовите. Некои од нив биле фрлани во р. Тибар, распнувани на крст, палени на клада и оставани да горат на јавни места.“
(Tacitus, Annals, XV, 44)
***
Прогоните против христијаните од страна на римската власт, кои започнале во времето на императорот Нерон и со извесни прекини траеле се до 313 г. кога христијанството било признато за рамноправна религија во Римската Империја, повеќе или помалку ги засегнале христијанските црковни општини на целата територија на Империјата. Се разбира дека тука не била исклучок ниту Македонија, каде уште од I век почнало да се шири христијанството и да се формираат силни црковни општини.
„Култот на маченикот се создавал во градот или местото каде што истиот маченички пострадал и тоа пред се благодарение на практиката околу гробовите на мачениците да се собираат верници со цел да ја прослават годишнината од нивната смрт.“
(Блага Алексова, Култот на Мартирите во Македонија)
По признавањето на христијанството за рамноправна религија во 313 г. просторот околу античкиот театар станал место на подигање на објекти во чест на локалните маченици.
Непосредно по 313 год. во речиси сите антички градови, во близината околу театрите, биле подигнати цели комплекси црковни градби од типот на базилики. Ова се должи на фактот
што гробовите на мачениците кои пострадале во театрите најчесто биле во близина на местото на нивната маченичка смрт, т.е., недалеку од театарот. Токму ова било причина просторот околу театрите да прерасне во место каде биле градени монументални црковни објекти. Па оттука не изненадува фактот што во сите антички градови во Македонија во близината на театрите се пронајдени остатоци од монументални базилики и цели комплекси од други култни црковни објекти кои требало да сведочат за мачеништвото.
***
Во Стоби посведочено е постоењето на извесен број на локални христијански маченици.
Иако нивните имиња сеуште остануваат непознати сепак може да се претпостави дека бројот на мачениците во Стоби не бил мал. Повеќето научници како поткрепа на оваа претпоставка ги земаат археолошките ископувања на просторот на Големата епископска базилика и античкиот театар. Имено, во Стоби, на просторот западно од гледалиштето на театарот е откриен комплекс на старохристијански објекти кој што најверојатно лежи на
местото каде што биле погребани извесен број на маченици пострадани во театарот.
„Телата на настраданите христијани биле исфрлани надвор од театарот низ подземните коридори под гледалиштето, кои потоа од страна на нивните роднините и членовите на христијанската заедница биле закопувани на просторот непосредно крај театарот, како и на западната некропола надвор од градот во близина на т.н. Порта Хераклес.“
(Блага Алексова, Мартирите во Македонија)
***
По признавањето на христијанството за рамноправна религија во Империјата во 313 година, постепено театрите го губат своето место во општествено – социјалниот живот. Христијанската Црква негативно гледа на нивното постоење пред се поради фактот што театарските претстави ги поврзува со паганските култови. Затоа веќе кон крајот на 4 век, кога целосно ќе заврши христијанизацијата во Империјата и христијанството ќе стане единствена дозволена религија, театрите биваат напуштени.
Денес, после толку векови, античките театри повторно стануваат атрактивно место не само за туристите туку и како места на културни настани.
„Човек кога ке го посети Стоби се фасцинира од импозантноста на големината на градбите ... од мајсторската рака на градителите ... Од важните луѓе кои тука некојпат живееле ... Од стилот на градбите од многуте огромни куќи плоштади и базилики ... од прекрасните столбови ... од движните наоди ... преубавите скулптури кои се некаде по музеите ...“
(Волан, Стоби - Театар & Синтезис)
Последен таков пример е концертот на Синтезис во античкиот театар во Стоби кој се одржа на 16ти јуни. Музиката на Синтезис одлично се вклопи во целиот тој простор. Античкиот театар во Стоби повторно за момент оживеа. Повторно се слушна аплаузот на публиката.
линкови:
Нема коментари:
Објави коментар