четврток, мај 31, 2007

Св.Јоаким Осоговски

На неколку километри североисточно од Крива Паланка, сместен на падините на Осоговските Планини, се наоѓа манастирот Свети Јоаким Осоговски; познат и како Сарандол – име добиено според местото каде што е изграден. Во рамките на манастирскиот комплекс се наоѓаат двата манастирски црковни храмови; едниот посветен на Св.Јоакин Осоговски, а вториот на Света Богородица. Изградбата на манастирот е тесно поврзана со црковната традиција за животот на еден од тројцата најпознати пустиножители во Македонија во XI век – Свети Јоаким Осоговски.


„Како што соопштува неговото житие, Св.Јоаким животот го поминал аскетски, во пост и молитви, во една пештера која се наоѓа во близината на подножјето на манастирот; во месноста позната како Бабин дол.“


Во житието на Св.Јоаким Осоговски, чијшто најстар препис се датира од XV век, се вели дека за време на владеењето на византискиот император Манојло Комнен (1143 – 1180) некој свештеник по име Теодор, родум од Овчеполско, откако се замонашил и го добил монашкото име Теофан, со помош на месното население ја изградил манастирската црква посветена на Св. Јоаким во која биле пренесени моштите на светецот.


***


Податоци за манастирот има и во изворите од времето на бугарскиот цар Калојан (1196 – 1207), а, пак во друг подоцнежен извор од XVI век (Карловачкиот летопис) се вели дека српскиот крал Милутин е тој кој ја изградил манастирската црква. Меѓутоа, денес, современата наука се сомнева во автентичноста на овој податок. Во редот на владетелите кои превземале реставраторски работи во манастирот се вбројува и Константин Дејановиќ – Драгаш – локален властелин од крајот на XIV век. Изворите сведочат и за посетата на османлискиот султан Мехмед II на манастирот за време на неговиот пат за Босна.


***

Првите сериозни тешкотии манастирот ги доживува во втората половина на XV век, период на зацврстување на османлиската власт во Македонија и Балканот. За ова сведочи податокот според кој претставници од монашката заедница на манастирот Св. Јован Осоговски, во 1474 година отпатувале во Дубровник да бараат материјална и секаква друга помош. Кон крајот на истата година или поточно на 19-ти декември 1474 година Советот на Дубровничката Република му доделува помош на манастирот во износ од 20 златни перпери.

Стотина години подоцна, во 1585 г., еден силен земјотрес ги оштетил манастирските објекти. Ова било причина игуменот на манастирот да побара помош од Москва за санација на штетите од земјотресот.

Во XVII век манастирот повторно економски зајакнал. Тоа е периодот кога манастирот го посетиле Евлија Челебија, Хаџи Калфа, а во 1683 и 1686 година и српскиот патријарх Арсение III Черноевиќ.

Во XVIII век манастирот повторно се нашол во лоша економска состојба. Дури во средината на XIX век доаѓа до обновување на монашкиот живот во манастирот. На иницијатива на Хаџи Стефан Бегликчијата од Крива Паланка, на местото на старата руинирана средновековна црква отпочнала изградбата на новата црква посветена на Св. Јоаким Осоговски. Почетокот на овие градежни работоти се датира во 1847 г., а истите биле завршени во 1851 г. кога всушност била осветена манастирската црква. Се смета дека црквата ја градел мајсторот Андреја Дамјановиќ, а 33 години по изградбата на храмот, зографите Мирон илиев, Аврам Дичов и Грегорие Петрович сите од с. Тресонче, го живописале средното кубе над тремот од западната страна на црквата. Натамошното живописување му било доверено на Димитар Андонов Папрадишки, кој во повеќе наврати во 1884/85/86 целосноvo ја насликал внатрешноста на храмот.

***

Во рамките на манастирскиот комплекс се наоѓа и втората манастирска црква посветена на Св.Богородица. Сеуште постои полемика околу нејзиното прецизно датирање; во XIV век или во XVI – XVII век.

Манастирот располага и со трикратен конак. Неговата изградба започнала во 1864, а завршила во 1905 година. Дел од конакот настрадал во 1918 година.

Историјатот на манастирот е тесно поврзан и со културно – просветната преродба на овие простори. Во манастирот, на црковна поука и дошколување доаѓале голем број монаси од разни краеви на Македонија и пошироко. Меѓу нив, и Јоаким Крчовски.

линкови:
Волан: Св.Јоаким Осоговски
МПЦ: Пролог: Преподобен Јоаким Осоговски
МПЦ: Манастир на Свети јоаким Осоговски - Крива Паланка
Археолошки дневник: Манастирот Свети Јоаким Осоговски

Нема коментари: