понеделник, мај 21, 2007

Животот е сон

Дождот кој удира по стреите знае да биде проклета работа. Па поготово ако е пролет, сонот доцни, а твоето проклетство е да патуваш низ времето. Минуваат светови, народи и племиња. Заминуваат цивилизации, кралства и цареви. Гледаш: желби, солзи и насмевки. Како на филмска лента се редат знамиња, крстови и прегратки. Се обидуваат да ти залепат боја, а не знаат дека боите се ептен неважна работа во животот на еден далтонист.

И се прашуваш... За многу нешта се прашуваш.


***


„...карпа, лист, непронајдена врата;

За карпата, за листот, за вратата.“


Еднаш, одамна, еден луд Американец и пијаница, автор на четири автобиографски романи, кој главата ја изгубил по една „чанта“ 20-тина години постара од него, запрашал:

Колкумина од нас можат да се пофалат дека го спознале братот свој?

Колкумина од нас можат да се пофалат дека вистински го познаваат срцето на својот татко?

Колкумина од нас барем еднаш не се почувствувале осамени талкачи низ животот?


***


Трчај да стигнеш прв. Мораш. Искористи се што животот ти нуди.

„А тие околу тебе?“ Нив кој ги ебе.

„Ама твои се и ги повредуваш.“.

„Е ако де. Кој ги ебе“.


***


Она има 60-тина години. Интересна женичка која се досели на денот кога почина баба ми. Кога ја прашав со кого живее рече дека е со двете ќерки. После испадна дека ме лажела. Едната ќерка била мажена за некоја голема „транзициска“ фаца, а другата живеела со „пријателот“. Ама демек, секој ден, доаѓале да ја посетуваат. И секогаш ја спомнува две годишната внука. Само за неа говори. Па баба е. Ја сака од се срце.


А, пак, јас, знаејќи го ова, секогаш, ја потпрашувам безвезни прашања за внучето. Де дали му излегло забче, де дали скоро го видела, де дали има фотографии од него. И правам кеиф. Знам колку многу сака да говори за внучето. Ако. И мене ми е мило, иако, секогаш, ја слушам истата приказна.


Во четвртокот случајно налетав на неа. Беше убаво времето и седеше на клупа пред влез. Со отсутен поглед, успорени рефлекси, најверојатно на прилично силни седативи. Речиси и да не можеше да зборува.


Ја прашувам дали е добра.

„Добра сум“ – вели. „Ама имам проблеми со живците“

Ја прашувам дали била на лекар.

„Утре сум на контрола. Пијам некои апчиња“ – ми одговара низ заби.


Не можам, туку така, да заминам. Ја прашувам дали е сама. Молчи. Дали доаѓаат ќерките да ја видат. Упорно молчи.

Се ми е јасно од поодамна, а сепак, нешто, почнува да ме стега во градиве. Се обидувам да го сменам муабетот. Ја прашувам за внуката, а она упорно молчи. Молчам и јас.


„Викни некоја пријателка на кафе. Немој да дозволуваш да си сама по цел ден?“ – сугерирам.

А она молчи.

„Прошетнувај низ маало“.

Молчи.

„Имаш ли нова слика од внучето“ – правам обид да ја вратам „назад“, а она како да дала завет на молчење.

Молчиме двајцата. Молчењето убива. Најмногу на свет.

И после некој ќе праша што останува на крајот од секоја приказна? Па не баш многу. Спомени кои бледнеат; спуштени ролетни и пожолтени фотографии; празен кревет; вреќа избледнети соништа и грст стари кошмари. И по некоја солза како неизбежен декор од некоја евтина сапуница.


„Секој со својот крст“ – велеше дедо ми.

А тежи, пустиот. Ма нека тежи.


***


И одненадеж, од којзнае каде, СМС порака: „Јас животот го разбирам како сон“. Тогаш клик во мојата глава: „Е па не прифаќам дека животот е сон. Не прифаќам, и точка. Едноставно, не прифаќам. Животот е борба, и солзи, и радост, и се друго по ред. Секој живот е историја, а историјата е себепронаоѓање. И Животот е себепронаоѓање. Ќе залуташ, ќе се изгубиш, ќе заталкаш, ама никогаш не смееш да бегаш, ниту пред другите, а уште помалку од самиот себе. Тркалото на Животот се врти. Кој од нас може да знае што му носи „утрешниот ден“. Денес си горе, утре си доле. Паѓаш и стануваш во зависност од сопствениот дух. Ако го изгубиш духот ти се иба мамата.


***


Дали сте приметиле дека ноќите во пролет се најпроклетата работа у свет. Па поготово ако сонот доцни, а твоето проклетство е да патуваш низ времето. Минуваат светови, народи и племиња; заминуваат цивилизации, кралства и цареви; гледаш желби, солзи и насмевки; како на филмска лента се менуваат знамиња, крстови и прегратки. Се обидуваат да ти залепат боја, а не знаат дека боите се ептен неважна работа во животот на еден далтонист.


И се прашуваш... За многу нешта се прашуваш.


„Животот е сон“ – читам на дисплејот.

Ако е така тогаш се прашувам: „Од кого зависи дали ќе го претвориме сонот во кошмар?“

И дури пред зори заспивам со мислите којзнае каде.


„...карпа, лист, непронајдена врата;

За карпата, за листот, за вратата.“




2 коментари:

Будна Правда рече...

ме замисли пријателе

Драган Зајковски рече...

pozdrav