Во Белград само што беа завршиле тамошните протести, во Албанија рокнаа првите пирамидални штедилници, во Софија демонстрантите го опколија парламентот и бираа мис бикини, Денг Ксијаопинг беше на посмртна постела, дедо ми се почесто се жалеше на некакви недефинирани болки во желудникот, а Нас (неколку пајташи од Историја) ни беше преку глава од Бране и СДСМ. (Иако морам да признам дека од дружината на СДСМ потајно го поштуев единствено Фрчко – министерот за надворешни).
Непотизмот и партизацијата се чувствуваа во сите сфери на животот.
А, пак, ние аџамии. Верувавме дека Војводата ќе им стави крај на лажните морални вредности и конечно ќе ги постави работите на свое место.
Велат: „За идеали гинеле будали.“
Ние, пак, полни со идеали. Никој со партиска книшка, а сепак, само на еден знак на Војводата бевме спремни да ја изодиме Македонија, долж и попреку. Го читавме Орвел и Кундера, а се ложевме на Тарковски и оној Пољакот (му го забораив името).
Не ни требаше многу. Уште на 15-ти јануари излеговме на протести. Пред Ректоратот. ССУКМ нешто мрчеа и се однесуваа ептен сумљиво. Ни риба ни девојка. А ние сакавме акција. Вриевме. Седевме у бифето на Филозофски, се восхитувавме на шармот и убавина на Бети Димитрова, тепавме ж‘та со салата и мечтаевме за Промени.
А, Фичо... Е Фичо го знаев неколку години претходно. Имаше уште еден испит до дипломирање, ама, демек, добил партиска директива да го одолговлекува. Беше пријател со еден мој колега од Куманово и на три – четири пати заедно седевме во бифето на Филозофски. Разговаравме за политика, историја, промени... Типот имаше харизма. Успеа да го прочита нашиот наплив на идеали и преку Кумановац одржуваше контакти со нас, три – четворица студенти по историја. А јас му веруев. Стварно му веруев. (Ебеш ми мајку ако не му веруев)
Тој 16-ти февруари беше прилично ладно. Не се сеќавам дали имаше снег, но знам дека беше грч ладно. Актуелниот студентски лидер си го покажа вистинското лице и не извиси. А ние... Ние броевме 30—тина студенти, распослани на скалите пред влезот на Философски. Половината од нив студенти по историја: Секи, Лорко, Олсен, Кумановац, Стојко, двете Велешанки, Тетовчанката, Кибицер... Го чекавме Фичо.
Околу 10 и кусур ете го Фичо во друштво со едно младо момче кое имаше цвикерчиња како Јосип Броз – Тито на судењето во Загреб. Цело време се плеткаше околу Фичо и претежно молчеше. Се гледаше дека не се трпат двајцата. Тогаш мислев дека е некој како нас, револуционер без име и презиме.
Тоа претпладне, 16-ти февруари, од некаде изникнаа новинарите. Онаа плавушата од Дневник и некои педерчиња од МТВ. Мислам дека беше и Лупевска од А1. И наместо од Фичо, интервју бараа од типчето со пискаво гласче за кое разбрав дека се вика Тони, дека е од Кичево и дека студира на Правен. Тоа прилично ме збуни. Па Фичо беше нашиот Панчо Вила. Овој студентот по право, ми изгледаше педерастично. Отпосле разбрав дека бил близок до Доста и Димитар Димитров.
Ние и понатаму му верувавме единствено на Фичо. Јеби га.
„Одиме да ги земеме транспарентите од Сојуз на студенти и потоа правец во Студентско радио да ги повикаме сите студенти на протести и прекин на наставата“ – Фичо издаде наредба.
Коцката беше фрлена. Немаше враќање назад. На патот за ССУКМ, најпрво отидовме пред Педагошка академија да се најдеме со тамошните студенти. Ама дошло до некакво недоразбирање. За малку сме се разминале. На раскрсницата кај Педагошка здогледавме две групи студенти како се движат по Партизанска. Невидена еуфорија. Бакнежи и прегратки со луѓе кои прв пат ги гледам во животот. Не водеа истите идеали.
Сето друго што следеше во наредните денови е историја. Студенти и средношколци, „Давид и Голијат“, знамиња и транспаренти. Тие денови чинам дека Скопје славеше; го празнуваше воскресението на духот на цела една изгубена генерација студенти и средношколци.
И тогаш кордон специјалци пред Собрание; и Таа: Кавадарчанката. Студентка на Технолошки со тело на римска божица и коса распуштена до рамена. За момент се околу мене стана ирелевантно: и Бранко - наркоманко, и Љубчо - шупчо, и Фичо – пичо, и Софче Тодорова, и албанскиот јазик, и вестите на А1, и пишувањата на Дневник... Тие февруарски денови, едни очи длабоки како море, ми станаа скрб и утеха.
По завршувањето на протестите магијата полека се изгуби. Патиштата се разделија. Таков е животот. Брзак.
Неколку месеци подоцна, ја видов сосема случајно на Рузвелтова кај Поштенска Гаража. Се бакнавме.
„Ајде до кај мене на какао со цимет“ – предложи. Како можев да ја одбијам.
Кога си заминував од трошната собичка, сонцето, таму негде зад Матка, се давеше во оган. Никогаш повеќе не ја видов.
Во април го положив заостанатиот испит и ја исчистив трета година. Потоа случајно налетав на книгата на Елејн Пејгелс, а болките кои дедо ми ги чувствуваше во желудникот излегоа на најлошо. Тој август ‘97-мата го испративме дедуш само неколку денови пред атентатот на принцезата во Париз.
„Немој да мислиш дека овие твоиве се нешто поарни. Кога ќе дојдат на власт се ќе забораат. Од ист калап сите тие се праени“ – имаше обичај да каже. И погоди.
Од тогаш минаа десет години, а стариот се уште страшно ми недостасува. Јеби га.
Наредната ‘98-ма конечно се случија Промените, но ништо не се смени, ниту за мене, ниту за било кој од дружнината историчари кои веруваа во чесноста на Војводата. Но затоа се смени судбината на Фичо кој стана пратеник и конзул во една далечна земја зад седум мориња.
Од таа ‘97-ма никогаш повеќе не излегов на митинг, ниту, пак, од 1998 година на избори. Единствено на референдумот за територијална поделба.
Деновиве гледам Фичо, освен бивш конзул и директор, станал блогер и витез. Пишува дека минувал низ денови полни искушенија како пратеник, ноќи без сон како конзул, и маченички часови како директор на библиотека. Почнувам да го жалам. Искрено.
Наместо епилог.
И после десет години од настанот, додека во овие доцни вечерни часови ги гледам фотографиите од ‘97-мата, што мислите, што ми доаѓа во мислите?
- „Па не баш многу“. Една трошна собичка; Една коса распуштена до рамена; Едни очи длабоки како море; Едни бакнежи на Рузвелтова; и Едно прекрасно мајско зајдисонце. Сето друго е минливо и неважно. Директорите доаѓаат и си заминуваат. Луѓето се тие кои остануваат. А Животот се уште е краток. Јеби га.
препорачани линкови кон текстот:
*Мечето Ушко, Студентски дисидент
во земјата на Балканленд
*Мечето Ушко, Параспур во земјата на студентите
*Волан, 10 години од студентските протести
*Мечето Ушко, Студентски дисидент
во земјата на Балканленд
*Мечето Ушко, Параспур во земјата на студентите
*Волан, 10 години од студентските протести
12 коментари:
е мој кибицеру ... поважни ти биле чувствата кон Македонија ... одколку кон кавадарчанката ... :)
kibicerce, trk kaj Kolja u Tocka i da gi izdades raskazite! ODLICNO!!!
волан,
Реков... во моментот кога ја искибицирав се стана неважно :)))
Каква Македонија какви бакрачи :)))
анонимен,
за издавање не верувам. Не сум јас писател. Само еден обичен будала :))))
Си дуздисал солидна ретроспектива на настаните.Во тие фуриозни времиња за кои ни расправаш јас бев стечаен работник кој сеуште подработуваше во зомба-фирма која стечајните олигарси во предизборието се колебаа на кој да му ја поклонат и како да заработат од тоа(а знаат мачно спори да бидат во тоа-од аспект на стотината вработени).„Ние“неколцина на кои им беше смачено од бц енд компани се качувавме по сртовите на фирмата која години беше на посмртно легло и го „качевме“ ликот на војводата енд компани ризикуваќи ја милостињата(6-7000денари) на стечајниот управител и соочувајќи се со љутите есдеесовски прекори на шефовите ни.По тоа низ улиците, исто така со сликата на војводата се парадираше и викаше долу влада долу лопови бранко циганко...
Е да не тупам,знаеме како завршуваат овие протоколи-сдсмовскиот стечаец преку ноќ станува вмровец и ја води фирмата во нови победи продавајќи ја на ЈАК стратешки инвеститор(Г_ин Мутивода од пичке материн) и со екипата шефови кои успешно ја упропастија фирмата се мешетарат се уште.... А „Ние“ неколцината останавме бележани офци за стрижење и изживување за милостиња од 7-8000денари(и не платен стаж-пиом)фирмата со неплатен данок-ни денар-спрема државата,работи „успешно“од тогаш со затворена жиро сметка итн итн итн, али преку сестринска фирма-ж.сметка се перат убави количини на пари,и државата до ден денес не можи да си го собери данокот(пензиско инвалитско - не е битно)милионски суми во еура.
Тебе барем Таа и залезот на сонцето ти останале во пријатно сеќавање............
Ако кажам дека расказот е преубав, сепак мислам дека тој збор е премал за да се опише овој расказ.
Инаку, хронологијата на настаните ми ги врати сеќавањата на нешто слично, но сепак поразлично. Се присетив на протестите пред неколку години во Струга, кога јас, како и Кибицер, застанав да протестирам за својата иднина. Ако врз студентите не беше употребена физичка сила, тоа не беше случај и во Струга. Една летна вечер (сите долго ќе ја паметиме) власта примени прекумерна сила врз сопствениот народ, се заради една бидала (Бучко) кој денес не може да си се пронајде самиот себе си.
Иако тие протесни не вродија со успех, сепак денес се чувствувам горд поради тоа и кога би требало повторно ќе го направам истото.
Ех Кибицер, ако ти не можеш да ја преболиш Кавадарчанката, јас пак не можам да ги преболам болките од гумените куршуми.
кибицеру кои се двете Велешанки од приказнава?
послушај го коментарот од анонимен, а исто и на мечето ушко му предлагам.
Само незнам дали вреди жртвата што си ја направил за да се роди вака јак расказ.
Имав прилика да се запознаам со Стојко, му беше цимер на мој другар во Стив (во машката зграда) и тогаш беше некако премногу сериозен за мене и познанството заврши на ич муабет. Сега ми е жал поради тоа. Од друга страна пак, сега знам дека за некои познанства, па макар и преку блог дека никогаш нема да зажалам...
Туку како можеше Кавадарчанката да ја замениш за парола, у пи*ку матер, ептен си ја цапнал тука.
Ти Кавадарчанката, Мечето Босанчицата, абе за на јарбол двајцата сте :)
Уште едаш ти велам: прати го расказов во електролит конкурсот (вистински приказни), шо губиш..
Многу убав расказ Кибицер.
Љубовта го движи светот.
Најдолго остануваат спомените на неа.
Се друго е минливо :)
религиологија,
И јас имам чувство дека се знаеме :))) во тој случај ги познаваш и Велешанките, кои кога станав апсолвент од две станаа четири :)))) А.. Б...... Ф... В.... Сите четири прекрасни девојки и пријателки.
рибаро,
мислам дека имаме и други заеднички пријатели. Дали знаеш и некој друг што има завршено историја?
Во секој случај после вакво охрабрување посекако ќе пратам некој од моиве раскази на конкурсот. во право си - нема што да изгубам иако себеси не се перцепирам за некој кој се гледа во тие води. Мечето Ушко е 200 пати бољи од мене. Се гледа дека е професионалец :))))
Окси,
благодарам многу. Навистина ми значат твоите зборови. Искрено.
Поздрав до сите.
a албанскиот јазик?
што мислиш сега за тоа?
вредеа ли демонстрациите?
Наместо педагошки факултет, два универзитета во Тетово - и тоа со амин на „војводата“ и компанија...
За тоа ли се боревте?
Протестите од денешна перспектива се... безсмислени. Ова го кажувам без намера да навредувам било кого. Едино “Фичо“, Фреди и уште пар луѓе добија нешто од тие протести.
Сепак, од друг агол ако се погледне на нив не може а да не се забележи дека имаат поинаква вреднст и значење, ако не се земе во предвид причината за истите. За последен пат младите во Поранешнава се организираат и го искажуваат својот револт на таков начин. Нешто што не верувам дека ќе се случи повторно.
Инаку, кибицер, тотален риспект за начинот на кој раскажуваш. Се радувам ко мало дете кога ќе видам нов пост во фид ридеров. :)
И јас би ти сугерирал, да ги собереш расказите што ги имаш, и трк кај Коља у Точка на муабет.
[color=#336688]Музыканты [url=http://dejavu-group.ru/about_us.php]Dejavu-group[/url] - это коллектив дипломированных вокалистов и музыкантов.
[url=http://dejavu-group.ru/svadba.php]Deja Vu[/url]- законодатель в области организации и проведения музыкальных мероприятий, свадеб, юбилеев.
В репертуаре музыкального ансамбля Дежа вю около 3 тыс. произведений.
Только живое исполнение. Поп, хиты 70-80-90-х, диско, джаз, ретро, современная музыка, европейские хиты, фоновая музыка, шансон .
Группа Дежа вю располагает мощной качественной музыкальной аппаратурой, которая позволяет заполнить приятным уху звуком как небольшое помещение (фуршет), так и большое пространство (корпоратив до 1000 человек).
Игорь +7 916 623 4047 [/color]
Објави коментар