понеделник, декември 11, 2006

Интервју во „Вечер“

Прашањето околу наследството на античките народи е наметнато од страна на дневната политика. Денес, во светот, не постојат наследници на античките народи, како што не постојат ниту т.н. "чисти народи". Тоа се надминати теории од некои минати времиња, вели м-р Зајковски.

Наследството на античките народи, вклучувајќи ги тука и античките Македонци, е општоцивилизациско наследство. Никој, ама апсолутно никој, нема право на ексклузивитет на него. За овие 15 години независност, македонските институции не најдоа сили во земјава да ги поканат познатите имиња од светската модерна историографија, од величините на еден Бадиан или Борза, кои всушност ја поставија и промовираа тезата за посебноста на античките Македонци. Наместо тоа, промовираме сензационализми кои прават само штета по угледот на нашата наука, вели нашиот соговорник, магистар по историја, Драган Зајковски, кој предавање на оваа тема на 18 декември ќе одржи во книжарницата "Аз-буки".

Која е вашата теза за етногенезата на Античките Македонци?
Прашањето за етничката припадност на Античките Македонци е едно од најисполитизираните прашања во историската наука. Обременето од силното влијание на дневната политика, политички инструментализирано, тоа се уште предизвикува контроверзи во пошироката јавност. Она што современата историографија го тврди, а е засновано пред се на наративните, епиграфските и археолошките извори, Античките Македонци биле посебен народ во антиката, сосема различен од другите народи кои го населувале Балканот во класичниот, хеленистичкиот и римскиот период.

Со што го аргументирате ова тврдење?
Процесот на етногенеза на еден народ е долготраен и сложен процес условен од низа општествено-политички, културни, религиски и други влијанија. Главните показатели кои упатуваат на посебноста на еден народ, не само во антиката, туку и во другите историски периоди, се посебниот јазик, култура, обичаи, религиска пракса. Според сите овие показатели, Античките Македонци биле посебен народ во антиката, сосема различен од нивните соседи Хелените, Илирите, Тракијците.

Која теза владее во светската наука по однос на прашањето кое Вие го истражувате? Што реално можат да направат нашите истражувачи за да ги остранат неправилностите кои што можеби владеат по ова прашање?
Следејќи го историјатот на оваа проблематика, во науката постоеле и постојат неколку теории за етногенезата на Античките Македонци. Првата теорија, актуелна до 70-тите години на 20 век, велела дека Античките Македонци имале хеленско потекло т.е. дека биле Хелени.Други, пак, мислеле дека Македонците имале илирско т.е. тракиско етничко потекло. Но почнувајќи од крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години на 20 век, сепак, денес, во современата историска наука, се поголем број историчари, повикувајќи се на најновите археолошки, епиграфски, нумизматички и наративни извори, недвосмислено и со убедливи аргументи ги отфрлаат сите овие теории и сметаат дека Античките Македонци биле посебен народ. Тука, пред се, би сакал да ги споменам Ернест Бадиан, професор по класична историја на универзитетот Харвард, потоа Јуџин Борза, професор по античка историја на Државниот универзитет Пенсилванија и др.

На кој му припаѓа Александар Македонски? Дали и Македонија има потполно право врз него како и Грција? Што може да направи Македонија за овој голем великан? На пример еден голем монумент или слично?
Прашањето околу наследството на античките народи е наметнато од страна на дневната политика. Денес, во светот, не постојат наследници на античките народи, како што не постојат ниту т.н. "чисти народи". Тоа се надминати теории од некои минати времиња. Па дури ако сакате и денешните Евреи, за кои општо е прифатено мислењето дека се директни и "чисти" потомци на античките Хебреи, гледано од призмата на еден научник и историчар, тешко дека може баш така да се тврди. Не постојат директни наследници на античките народи. Во овој контекст ниту денешните Грци не се директни наследници на античките Хелени. Средновековните хроничари забележале дека во времето на словенските навлегувања на Балканот, во 6 - 7 век, "Словените ја преплавиле цела Хелада стигнувајќи дури до Пелопонез". Оттука како заклучок произлегува дека античкото наследство, односно наследството на античките народи, вклучувајќи ги тука и античките Македонци, е општоцивилизациско наследство. Никој, ама апсолутно никој, нема право на ексклузивитет на него. Но, тоа не значи дека институциите не треба да се грижат за истото. Напротив. Државата и надлежните институции мораат да се грижат за него. Имено, сериозноста на една држава се огледа токму во фактот како се грижи за своето културно наследство.
Што се однесува до прашањето за потребата од изградба на споменик на Александар Македонски, јас како историчар и граѓанин ја поддржувам оваа идеја. Александар Македонски со својот екуменизам ја задолжил целата светска цивилизација.

Една македонска историчарка излезе со тврдање дека и Аристотел е Македонец? Како вие како научник гледате на ваквите истражувања?
Во овој контекст само да ве потсетам дека дамата не е историчарка туку, чинам, филолог. Не би сакал посебно да ги коментирам тврдењата на почитуваната Ангелина Маркус. Едноставно таквите тврдења не заслужуваат коментар и сериозна полемика токму поради нивната несериозност. Мислам дека токму ваквиот несериозен пристап кон историјата и обидот за мала врата да се протнат најразлични сенцационализми само и прават штета на македонската наука. Сензационализмите на госпоѓата Маркус не се ништо во споредба на она што ни го приреди МАНУ. Под капата на МАНУ се издаде прилог во кој еден машински инжинер и еден физичар тврдат дека го дешифрирале античкиот македонски јазик. Каков аматеризам и непрофесионалност од страна на највисоката научна институција во државава. Па дали колегите од МАНУ се свесни каква штета и направија на македонската историска наука. Што мислите какво мислење ќе има еден историчар од странство за нашата историска наука и воопшто за нашите научни институции кога ќе прочита дека највисоката македонска академско - научна институциија се потпишала зад еден толку, најблаго речено, несериозен проект.

Кој е вашиот став како м-р по историја за тоа колку нашите историчари го третираат прашањето за Античка Македонија и колку сме гласни во промовирањето на тезата дека Александар Македонски не е Грк или слично?
Недоволно, мора да се признае. Дури и оние малку обиди остануваат без потребниот одглас во пошироката јавност. За тоа повторно се виновни институциите кои се задолжени за промовирање на културните вредности. Само како илустрација би го споменал примерот дека за овие 15 години независност, македонските институции не најдоа сили во земјава да ги поканат познатите имиња од светската модерна историографија, од величините на еден Бадиан или Борза, кои всушност ја поставија и промовираа тезата за посебноста на Античките Македонци. Наместо тоа промовираме сензационализми кои прават само штета по угледот на нашата наука.

5 коментари:

Анонимен рече...

Bravo Kibicerce najmilo!
Odlicno!!!!!!!!!

Драган Зајковски рече...

Благодарам.

поздрав.

Gjole рече...

Епа фала богу шо се врати на blogspot! :-)

Gjole рече...

p.s. и де стај по едно линкче за m-soulz и photo-soulz! :-)

Драган Зајковски рече...

Ѓоле,
Фала. Иде линк :)))))))