сабота, декември 09, 2006

Тајната книга: борба на доброто и злото, светлината и темнината, борба со самите себеси


Историјата е полна обиди да се спознае она што не може да биде спознаено. „Учителката на животот“ е преплавена од мал милион лични човечки судбини кои конфронтирајќи се со монополот на „правоверните“, барајќи го извориштето на сопственото постоење потонале во заборавот на времето.


Немам намера на никого ништо да му сугерирам. Ниту очекувам од оние што го гледале филмот да се согласат со мене. Затоа нема да кажувам колку ми се допаднал филмот. Само ќе спомнам дека на повеќе пати додека го гледав се наежив; ми минаа „пеперутки“ низ телото. Во темнината на киното Милениум често се губев низ времето.


Симболизмот кој провејува низ филмот го прави толку сугестивен и речиси не може човек да остане рамнодушен.

Се согласувам со Милозвучната Солза и Психологот кога велат дека за да може обичниот гледач да ја разбере „Тајната книга“ мора да има минимум предзнаење за дуалистичките учења во средниот век, а посебно за богомилството. Како инаку ќе го разбере „францускиот дел“ од приказната. Постојано ќе се прашува од каде сега Франција и Французи во филмов.


Без предзнаење за богомилството тешко дека може да се разбере дуалистичкиот симболизам кој провејува низ речиси сите сцени, а кој, всушност, го прави овој филм толку моќен. Змијата, голубот, црвената облека која ја носи Бигорски, четирите браќа (едниот легионер, другиот трагач по тајното спознание, третиот монах и четвртиот повратник од САД и продукт на глобализмот), таксистот полиглот, берберницата Балкан и посебно ликот на „непознатиот“ (Ѓорѓи Јолевски) се рефлексија на богомилскиот дуализам: вечна борба меѓу доброто и злото. Токму овој дуализам, карактеристичен за богомилите и на нив сличните трагачи по средновековната гноза (манихејци, павликијани, патари, катари, албигојци), го чини филмот на браќата Цветановски толку моќен.

На крајот една мала сугестија. Пред да се решите да го гледате филмот најдобро е да си ги пролистате старите учебници по историја. Можеби на прв поглед ќе ви изгледа како губење време и ќе го пцуете професорот по историја од вашите ученички денови, но убеден сум дека, кога ќе почне филмот, од почеток до крај, чувството ќе биде неповторливо.

Нема коментари: