Според податоците кои ги дава Папијас, епископот од Хиреаполис (Papias Hierapolitanus Episcopus, Fragmenta ex Exposit. Oracolum Dominic III, B) Матеј го напишал евангелскиот текст на хебрејски јазик. Сепак, за жал, досега не е пронајден ниту еден од примероците напишани на хебрејски јазик. Светлото на денешницата, досега, го имаат видено единствено неговите старогрчки верзии.
Притоа, повеќе прашања поврзани со ова евангелие сеуште предизвикуваат полемики во научниот свет. Едно од тие прашања, е проблематиката поврзана околу неговото прецизно датирање. Според едни автори, евангелието според Матеј датира од околу 70 – 80 година, а, пак, според други во годините од 85-тата до 90 година.
Сепак, се чини дека овие претпоставени датирања најверојатно се погрешни. Ова поради фактот бидејќи при обидот за нивно датирање не се земал во предвид податокот кај Папијас. Имено, за попрецизно датирање на Евангелието според Матеј може да послужи еден цитат кај Папијас, а сочуван од страна на Иринеј Лионски и Евсевиј Кесариски, каде што се вели дека „...Матеј го напиша евангелието во периодот кога апостолите Петар и Павле претстојувале во Рим“. Ова е особено важен податок во обидот прецизно да се датира оригиналниот хебрејски евангелски текст на апостолот Матеј. Имено, ако знаеме (врз основа на Делата на светите апостоли, но посредно и од Светониј, Такит....) дека Петар и Павле биле затворени во Рим во 60-те години на I век, за време на владеењето на Нерон (54 – 68), тогаш произлегува дека Матеј го напишал евангелскиот текст околу 61 – 62 год., но никако после 65 – 68 кога апостолите веќе биле маченички убиени.
Второ прашање кое предизвикува полемики во науката е проблематиката поврзана околу неговата автентичност. Во врска со ова постојат две спротиставени групи мислења. Првата е онаа која се сомнева во неговата автентичност, а втората е онаа која го вреднува за релативно сигурен извор. За воља на вистината мора да се каже дека вторава група науќници е помногубројна и според мене користи поприфатливи аргументи. Па така, како еден од аргументите кои одат во прилог на автентичноста на матеевото евангелие е фактот дека неговиот автор многу добро ја познавал географијата на Палестина, хебрејските обичаи и хебрејската историја. Тој имал и одлично познавање на стариот Завет, а посебно на Мојсиевиот Закон. Сево упатува на препоставката дека авторот на евангелието бил Хебреин од Палестина и дека тој бил апостолот Матеј.
Освен тоа, ако се повикаме на изворите од II век, можеме да заклучиме дека уште во најраниот период од развојот на христијанството и христијанската Црква, Евангелието според Матеј било признато за канонско, чие авторство никој од светите Отци не го доведувал во прашање.
Во овој контекст треба да се напомене дека тоа било едно од најпрепишуваните евангелски текстови, што е еден од аргументите за неговото првенство во односна другите евангелија.
Што се однесува до неговата текстуално – содржинска анализа, ова евангелие, во споредба со другите три, се карактеризира со подетално опишување на чудата што ги направил Исус Христос за време на неговиот живот. Ова се должи на фактот што истото било, пред се, упатено до хебрејските конвертити и оттука, неговиот автор се обидува да докаже дека преку личноста на Исус се исполнети пророштвата од Стариот Завет.
Денес, на почетокот на „Страсната Недела“, најтопло го препорачувам за читање токму ова евангелие - не само како религиски текст, туку ако повеќе сакате, како чисто литературно дело од средината на I век.
п.с.
Фотографијата на почетокот од текстов е дел од фрескоживописот во црквата Св.Андреја на Матка. Ликовите од фотографираната фреска се четирите евангелисти.
Нема коментари:
Објави коментар