Вечерта во саботата, во Скопје, полицијата спроведуваше акција на сообраќајна контрола. Полициски контроли имаше речиси на сите поголеми раскрсници и булевари.
Така и јас на враќање накај дома, негде околу 00:45, пред Три Бисери бев запрен од полициска патрола. Џандарка – приправник и нејзиниот ментор, постар џандар од околу 45 години.
- Добро вечер, господине. (ми се дигнаа акциите, јас господин, уф, уф). Патните исправи, ве молам. Ајде да провериме дали сте пиеле.
- Не сум пиел жими мајка, комшика и све остало.
Блага насмевка и појаснување дека ова не е црква да се колнам и дека таа не е поп (ваљда мислеше на попадија) туку полицаец.
- Дали претходно сте „дувале“ или ви е прв пат? – прашува младата џандарка.
Сакав да ја прашам што мисли под поимот „дување“, ама си реков да не претерам; може погрешно да ме разбере. А и ми се брзаше дома. Сакав порано да си легнам бидејќи планирав сабајлето рано да станам; Федерот и Отецот требаше да ми се јават тачно у 9:00 да одиме на планинарење на Матка.
- Не, не сум дувал претходно, а и прв пат ми е. Чесен збор. – реков.
- Е ај да видиме што ќе покаже алко тестов штом толку си вицкаст – ми се обрати вториот џандар.
На ова џандарката кисело се насмевна и влезе во крајслерот да јаде хамбургер.
- Силно ќе дуваш, па да видиме дали навистина си чист – изусти и ми го тупна во уста цевчето од апаратот.
– Дувај, дувај... Не ми глуми. Неееее...... Ништо. Неуспешно. Повторно ќе дуваш. Ајде сега дувај, ама силно, со сета сила. Дувај дувај!!! Така, така!!! Уште малку. Неееее..... Абе ти ме заебаваш. Не дуваш.
- Ама дувам, навистина дувам – се правдав малку вознемирен.
- Дуваш, како да не. Ајде пак. - Така, така дувааај. Нееее.... Абе ти го сецкаш воздухот. Треба рамномерно. Земи воздух и силно. Така, така, силно. Нееее.....
- Ти стварно мислиш дека ние сме мутави.
- Не бе, жими мајка. Не сите, туку само ти – сакав да му кажам ама некако се воздржав.
И повторно земав воздух да дувам. Се закашлав. Проблемот е во тоа што кога ќе дојде пролет алергичен сум на се и сешто. Особено на полен. Кашлам, очи ми течат, нос ми тече.... Се случувало дури и да го изгубам гласот како последица на алергиска реакција. Сето тоа од 20-ти април до 6-ти мај, ама по се изгледа оваа година пролетта како да подранила. Првите знаци на алергија веќе почнаа да се јавуваат; затнат нос и блага кашлица.
Длабоко земав воздух и почнав да дувам по петти или шестти пат. Можам да се заколнам дека воопшто не го „сецнав“ дувањето. А и џандарот добро го знаеше тоа. Сепак остана на неговото историско: ТИ МЕНЕ МЕ ЗАЕБАВАШ..
- Ќе ги викнам инспекторите да те носат да ти земат крв. Кога ќе дојдат колегите мисли му ја!!! Јас сум добар ама инспекторот...... А и да знаеш дека резултатите од крвта директно одат во суд, независно дали си пиел или не?!?
Ова последново со судот баш и не му го разбрав. Што сакаше да каже?
- Ма носете ме кај што сакате. Не крв, свети крв земајте ми. Не сум пиел ништо. Зарем не можеш да процениш дека не сум пијан. Веројатно имаш некое искуство за да процениш – реплицирав и се тргнав на страна.
Џандарот се јави на моторолата и за околу 15 минути пристигна друг крајслер. Од внатре излегоа двајца типчиња во униформа. Имаа околу 35- 36 години; нешто малку постари од мене.
- Во што е проблемот.
- Овој ме заебава. Неќе да дува.
- Ама јас сакам да дувам, но невојатно не можам да издувам – почнав да се бранам. - Можеби сум продувал, кој знае? – изустувам.
- Е ајде дувај пред мене – почна да се смее инспекторчето во униформа. – Само пази да не одлеташ дувајќи.
- Би ставил затка во г’зното црево, ама не можам да најдам доволно голема – му реплицирав.
Сите се насмеава. Ама оној постариот џандар некако кисело. А јас дувам, ли дувам, и пак мучук. Инспекторите превртуваат очи, се качуваат во крајслерот и одат негде. Го оставаат стариот џандар да му дојде памет и да ме пушти. Очигледно дека поради пролетната алергија не можев успешно да издувам во апаратот.
Инспекторчиња се враќаат по 30 минути.
- Ти уште чекаш - ми се обраќа едниот. – Ајде ќе одиме да ти земат крв.
- Дали ќе ми ставите лисици? – велам.
- Ма дај не биди смешен. Да не сакаш и со електричен пендрек да те тепаме.
Само што се качив во крајслерот, а инспекторите почнаа да се смеат. И не само тоа. Почнаа да ја спомнуваат мајката на колегата што ме тераше да дувам.
- Кој идиот – вели помладиот инспектор. – Зарем не гледа дека не си пиел.
- Абе, ти да не си се замерил нешто со колегата? Да не се знаете од порано, па сега те малтретира. – вели другиот.
- Прв пат го глеам у живот – се смеам.
- Веројатно ти е јасно дека колегата инсистираше да те носиме да ти земаат крв. Ние мораме да ја почитуваме процедурата. На негово инсистирање те носиме на земање крв.
Крајслерот „шиба“ кон градска болница.
- Абе знаеш оној колегата од прва полициска... Сосема се одлепил. Му влегло у глава дека жена му го вара па почнал да ја следи. Катастрофа. Болен чоек – си разговараат инспекторите меѓу себе, а јас мудро ги слушам отпозади. Прв пат се возам во полициска кола. Решив да уживам во возењето. Си праам филмчиња у глава.
Одиме во „Градска“. Ме оставаат на колегите бидејќи они мораа итно да одат на интервенција. Им јавија по моторола дека нивни колега е нападнат. Брзаат да му помогнат. ЦАРЕВИ!!!!
Ме превзема млада полицајка. Плавуша, па уште и со репче. А гледам и две – три ѕвездички на нејзиното рамо. Висок чин, а не постара од 30 – 31 година. Преку сила 32. Порано ги бираа според физичка кондиција, а сега, по се изгледа според лепота.
- Господине, (пак, тоа господине, ама во случајов ми сметаше. Баш би сакал да ме вика по име и да не ми персира. Па генерација сме, бре, мајку му стара) - Во што е проблемот. Зарем не дувавте? Дали самите баравте да ве доведат тука?
- Прво, не сум господин, туку Драган. Второ, не можев да издувам, па колегата ме прати кај вас, вампириве од градска да ми ја цицаат крвта.
Плавушата се смее. И сестрите се смеат.
- Тој не е нормален. Што не малтретира? Па очигледно не си пијан. Зарем не гледа. Ајде не се плаши, ќе ти земат крв и се ќе биде ОК.
- Штом ваква плавуша ме спроведува, како можам да се плашам – си помислив, ама ништо не реков. Нема шанси.
Завртен ракав од кошула, малку трема, сестра со игла у рака и благ бодеж у вена. Како ли им е на наркоманите? Би частеле да имаат вени како моите; последен пат ми земаа крв и ме бодеа у вена пред 10 години.
- Готово. Одиме. Дали јас да ти ја земам јакната или самиот можеш – ми се обраќа џандарката. – Од кога полицијава е толку љубезна? – си мислам.
Влагам у крајслерот, а внатре музиче за душа. Тргнуваме.
- Вечерва ми е најлошата у моја кариера – се жали полицајката. – Го фативме мажот на една наша колешка мртов пијан. Ај што беше пијан, туку и со швалерката у кола. Резил. Како ќе и кажеме на колешката. Срамотилаци.
- Нека се срами он, што има вие да се срамите – мудрувам.
Мубетот продолжува. Поминуваме под „Железничка“. Полицајката нешто му дофрлува на колегата до неа. Се смеат. Сите се смееме. Си дофрлуваат „бисерчиња“ меѓу себе. Се шалат на своја сметка, а јас паѓам од смеа на задно седиште. Така не сум се смеел којзнае од кога. Ретки се луѓето со таков смисол за хумор. Па одозгора и полицајка. Па уште и плавуша. Оф, оф.
- Да знаеш дека ти си вториот у наша кариера кој го враќаме по земена крв. Обично, ако ги видиме пијани или агресивни ги оставаме сами да се враќаат. Ајде сега поздрав.
- Фала, фала. Многу сте љубезни. Пријатно – излегувам од колата.
Полицајката отвара прозор и на цел глас му вика на колегата кој ме прати на анализа на крвта. – Друг пат избегавај вака да малтретираш. Обиди се да правиш вистински проценки. Гледај да не ти се повтори.
Џандарот стои мирно и слуша. Типкава има поголем чин од него – има да слуша него што. ЦАРИЦА!!!
На пат за дома размислувам: работиве конечно тргнале од мртва точка. Факултетот, слушањето музика и читањето книги си го направиле своето. Дај Боже да има што е можно повеќе млади џандари како оние кои ме спроведуваа за земање крв. Работите почнале да се менуваат од мртва точка. Барем во доменот на љубезноста и коректниот однос. На своја кожа осетив дека сите џандари не се исти. Меѓу нив има фер момци и девојки. Камо среќа „полицајката со репчето“ да дотурка до највисок чин. Или до министер. Тогаш навистина ќе речам дека реформите во МВР завршиле успешно.
А да, за малку ќе забораев. На џандарот кој ме запре, јасно и гласно му кажав дека имам проблем со пролетната алергија и дека тоа е проблемот што не можам правилно да издувам. Знаете што ми одговори: - Баш ми е гајле. Расправај се со инспекторите. Тоа не е изговор да не можеш да дуваш.
БРАВО ЛЕКАРУ ПОЛИЦИСКИ!!!
Епилог.
1) Ми ја земаа возачката. Таква била процедурата. Денес бев да ја земам.
2) Ми пропадна планинарењето. Без дозвола не смее да се вози, а јас го почитувам законот. А и не ми се оди со автобус на Матка. Ќе се изначекам.
3) Сега ги чекам резултатите од крвта. Можеби у „12 –ка кај Нацева“ ми подметнале нес кафе со алкохол. Којзнае?
4) Се надевам дека некогаш ќе имам прилика со џандарката да пиеме кафе. Јас честам. А и зошто да не? Немаше прстен на рука.
Помалку познати зборови.
Зборот „џандар“ во македонскиот јазик најверојатно се „провлекол“ од турскиот „çandar“. Овој, пак, води потекло од францускиот „gendarme“. И двата збора имаат исто значење – припадник на полиција, полицаец.
При раскажувањето на мојата саботно – неделна историја си дозволив мали импровизации при конверзациите. Сепак фактите останаа исти.
3 коментари:
Спомни ја Македонија по добро! Па нели сме земја кандидат! Тоа се претпоставувам новите ЕУ полицајци. Се прашувам дали господата полицајци или полицајки вакви контроли прават во Арчиново, Шипковица или во Џепчиште.
Драган те молам прати го текстот до МЦМС и Сорос кои ја спомнуваат Македонија по добро.Хелсиншкиот комитет за човекови права сигурно ќе има со што да се занимава.
И не само тоа. Погоди какви коли запираа. Само југовци и стојадинки. Одвреме навреме по некоја нова кола и толку. Сведок сум како пред Три бисери со стотка на саат прошиша една црвена ламја - корвета ли беше, порше ли беше, BMW 3-ка ли беше господ ќе го знае. Џандарите само го проследија со поглед и никому ништо. Не се будали мерцедеси да запираат па да останат без работа. Еден телефон да заврти типчето од BMW-то и опс!!! џандарот веќе е суспендиран.
кибиЦАРе! па оваа полицајката излеа била според моите погледи за реформи во полицијата
полиција блиска до народот:)))
трк сеа кај мене на блог што имам да кажам за реформи во здравство
Објави коментар