четврток, март 23, 2006

Табела: Вселенските црковни собори

Вселенските (општите) црковни собори биле свикувани со цел заеднички да се решат актуелните отворени прашања од црковно – догматска и црковно – организациона природа; прашања кои се однесувале на целата Црква допирајќи ги нејзините основни фундаменти. Најчесто вселенските собори биле свикувани за конкретизирање на мерките кои Црквата ги превземала во борбата против ересите.


Наспроти нив, на помесните собори се разгледувала проблематика која не се однесувала на целата Црква туку само на конкретната црковна област, епархија или епархии.

За да еден собор се нарече вселенски морал да исполнува одредени услови. Еден од тие услови било неговите одлуки да се однесуваат на важни сегменти од теолошката догматика, црковно – хиреархиската и организациона поставеност и сл. Зад одлуките донесени на вселенските собори стоела целата Црква и оттука истите биле општозадолжителни за целата христијанска екумена.

Учесниците на црковните собори, повикувајќи се на евангелската традиција (Матеј 28,20) верувале дека лично Исус Христос присуствува на заседанијата и влијае врз донесувањето на одлуките. Ваквото верување било манифестирано на тој начин што во средината на салата каде се одржувал конкретниот собор се наоѓал престол на кој било ставено отворено евангелие. На тој начин симболично се изразувало божјото присуство.

Во историјата на христијанската Црква се одржале седум вселенски собори. Во продолжение следи табеларен приказ на истите; местото на нивното одржување, нивното датирање и поводот за свикување.


Место на одржување

Година на одржување

Повод за свикување

Првиот вселенски собор

Никеја

325

Аријанското учење

Вториот вселенски собор

Константинопол

381

Македонијанското учење

Третиот вселенски собор

Ефес

431

Несторијанското учење

Лажниот собор

Ефес

449

Монофизитството е прогласено за вистинска вера

Четвртиот вселенски собор

Халкедон

451

Отфрлени се одлуките од т.н. Лажен собор од 449 г., а монофизитското учење е прогласено за еретичко

Петтиот вселенски собор

Константинопол

553

Осуден е обидот за реставрација на несторијанството и монофизитството

Шестиот вселенски собор

Константинопол

680 - 681

Монотелитизмот

Седмиот вселенски собор

Никеја

787

Иконоборството