среда, јануари 04, 2006

Za istoricnosta na Isus Hristos

Основата на христијанството како религија е постоењето на Богочовекот Исус Христос, неговиот живот и учење; распетието на крстот и воскресението како симболична претстава на неговата жртва пред Бога, победата над смртта и спасението на луѓето.

Најзначаен, и воедно единствен историски извор за животот и делото на Исус Христос, од неговото раѓање, па се до распнувањето и воскресението, се четирите евангелија; според Матеј, Марко, Лука и Јован - напишани, најверојатно меѓу 50 и 120 година.

Што се однесува до прашањето за точното датирање на раѓањето на Исус Христос, првиот сериозен обид да се даде одговор на ова прашање бил направен во 525 год. од страна на римскиот опат Дионисие Мали. Тој, по барање на римскиот папа Јован I (523-526), пресметал дека Исус Христос се родил на 25-ти декември 753 год. според Ab Urbe Condita.

Се уште во науката постои полемика зошто токму 25-ти декември бил земен како датум на раѓањето на Исус Христос. Некои современи автори, празникот, Рожденство Христово-Божик, го поврзуваат со паганскиот римски религиозен празник Сатурналии (во чест на богот на посевите Сатурн) кој се славел во периодот меѓу 17-ти и 23-ти декември.

Што се однесува до точното датирање на годината на христовото раѓање, денес во науката, речиси и да не постои сериозен научник кој не се сомнева во пресметките на Дионисие Мали. Имено, евангелијата според Матеј и Лука (Матеј 2,1.; Лука 1, 5) соопштуваат дека Исус Христос се родил за време на последните години од владеењето на Ирод Велики, кој, пак, умрел во 4 г.пред Ис. Хр. - датум потврден врз основа на повеќе веродостојни извори. Од ова произлегува дека Исус морало да биде роден околу 4 г. пред Ис.Хр.

Последните пресметки базирани на историските податоци, библиските текстови и астрономијата, раѓањето на Исус Христос го датираат меѓу 7 и 4 г. пред Ис. Хр.

ХРИСТОС СЕ РОДИ – НАВИСТИНА СЕ РОДИ ЧЕСТИТ БОЖИК И БЕРИЌЕТНА НОВА ГОДИНА

1 коментар:

Анонимен рече...

Навистина се роди! За многу години!