И покрај тоа што на Солунскиот конгрес, речиси едногласно, била донесена одлуката за кревање на востание, (против бил само делегатот од Серскиот округ) сепак, на теренот, ваквото решение предизвикало поделеност во раководствата на револуционерните окрузи. Особено негативен став кон ваквата одлука изразиле Гоце Делчев и Ѓорче Петров . Имено, Делчев како прв човек на воената организација на МРО и главен инспектор на воените чети имал целосен увид во вистинската ситуација на теренот. Како човек кој имал воено образование и одличен увид во состојбите на теренот, Делчев, најдобро можел да ја процени воено-организационата способност на МРО за кревање на општо востание. Тој сметал дека МРО не е ниту воено - материјално, ниту организационо подготвена за масовно вооружено востание.
Поаѓајќи од реалната ситуација на теренот, Делчев ја застапувал тезата за перманентна вооружена борба без формално објавување на востание. Според него, МРО требала да организира класична герилска војна со мобилни вооружени чети и селски милиции кои би биле способни брзо да се префрлуваат од еден на друг терен. Овие вооружени герилски формации би превземале вооружени акции против османлиската војска и би вршеле диверзии на стратешките објекти на целата територија на Македонија. На тој начин би се создала состојба ни востание ниту мир, која би можела да се одржува со години. Долготрајноста на овој начин на борба би имала за цел да доведе до исцрпување на силите на Османлиската држава, а воедно би се штеделе силите на македонското население за долготрајна вооружена борба која на крајот би резултирала со успех.
Цврсто стоејќи на ставот дека МРО не е подготвена за општо востание, Гоце Делчев писмено се обратил до раководствата на сите револуционерно окрузи со барање да ја преиспитаат одлуката на Солунскиот конгрес и да ги запрат сите подготовки за востание.
Обид за отповикување на одлуката за кревање востание бил на правен и на јануарското советување во Софија одржано истата 1903 година. На советувањето, Гоце Делчев и Ѓорче Петров категорично застанале против одлуката на Солунскиот конгрес. Притоа, тие, со својот авторитет, успеале да ги убедат мнозинството од делегатите за избрзаноста на одлуката за кревање востание. Но и покрај ова, Х.Матов и Х.Татарчев писмено го известиле ЦК на МРО дека на советувањето била подржана конгресната одлука. Дали тоа го направиле на своја рака, или, пак, можеби, сепак, на крајот мнозинството учесници на јануарското советување навистина ја подржале одлуката за кревање на востание, ова прашање во науката сеуште останува отворено.
И покрај ваквите околности, Делчев продолжил активно да се ангажира за изнаоѓање институционален начин за отповикувањето на одлуката за кревање востание. Тој, сега, во новонастанатите околности, својата активност ја насочил на теренот. Сметал дека при постојната ситуација, отповикувањето на востанието може да се издејствува само со дејствување на теренот т.е. во окружните и околиските органи на МРО. Со таа цел тој од Софија заминал за Македонија, каде веднаш по пристигнувањето, на негова иницијатива, биле одржани две советувања во Серскиот револуционерен округ. На советувањата учествувале сите месни раководители и војводи на чети на МРО во Серскиот револуционерен округ кои недвосмислено застанале зад ставовите на Делчев за неподготвеноста на Организацијата за кревање на востание.
Со цел поконкретно да ги запознае членовите на ЦК со своите ставови, но и со состојбата на теренот, Делчев, по советувањата во Серскиот округ заминал за Солун. Во меѓувреме Даме Груев е ослободен од затвор, па оттука Делчев решава прво да се сретне со него. Тој од Груев очекувал разбирање за ставовот за избрзаноста на одлуката за востание. Освен тоа Делчев се надевал дека Груев со својот авторитет ќе влијае врз раководството на Битолскиот револуционерен округ за ревидирање на нивниот став за кревање на востание летото 1903 година.
Претстојувајќи во Солун, во април 1903 година, Делчев на неколкупати се сретнал со Груев. Но притоа не успеал да го убеди во погрешноста на одлуката на востание. Даме Груев цврсто стоел на ставот за кревање на востание.
Во науката има спротиставени мислења во врска со ваквиот цврст став на Груев. Некои сметаат дека Груев бил погрешно информиран од Гарванов за состојбите на теренот. Но ваквото тврдење е малку веројатно ако се знае податокот од неговите мемоари каде самиот Груев пишува „...и во Подрум знаев како врват работите. Со хемиско пенкало водев коресподенција со Солун, Битола и Софија“. Освен тоа, по излегувањето од затвор тој имал одлични врски со раководството на Битолскиот револуционерен округ, и оттука, од нив, можел да се информира за состојбата во МРО и воопшто за состојбата на теренот. Притоа и на средбите со Делчев, Груев најдиректно се информирал за неподготвеноста на Организацијата за кревање на востание. Од Делчев бил информиран за слабата вооруженост на четите, за несоодветниот воен кадровски потенцијал, за неповолните меѓународни прилики, за мешањето на врховистите во МРО и сл. Оттука произлегува дека Груев, иако подолго време бил во затвор, сепак, одлично бил запознаен со ситуацијата во МРО и воопшто со ситуацијата на теренот. И покрај тоа цврсто стоел на ставот за кревање на востание.
Па затоа, како логичен заклучок следува претпоставката дека причината за цврстиот став на Груев треба да се бара во неговите амбиции преку дигање на востание да застане на чело на МРО. Тој сметал дека дека со кревање на општо востание ќе успее да се издигне во прва личност на МРО.
По неуспешните средби со Груев, свесен дека не може да очекува подршка ниту од него, ниту од раководството на Битолскиот револуционерен округ, а уште помалку од ЦК на МРО, Делчев го напушта Солун упатувајќи се во Серскиот револуционерен округ каде требало да присуствува на окружниот конгрес закажан на 6-ти мај. На претстојниот окружен конгрес требало да се донесе одлука против кревање востание во Серскиот округ. Намерата на Делчев била и во другите револуционерни окрузи, на сличен начин како во Серскиот округ, да се отповика одлуката за кревање востание; по пат на окружни конгреси. Но на патот за Сер, четата на Делчев е откриена од страна на османлиските власти и во континуитет од неколку дена дискретно следена. На 4-ти мај Делчев претстојува во с.Баница. Османлиската војска го опколува селото и доаѓа до отворен вооружен судир во кој гине Гоце Делчев.
Сеуште не е јасно дали се работи за предавство. Сепак, следот на околностите упатуваат на силни индиции дека османлиските власти претходно биле известени за присуството на Делчев на тој терен. Во прилог на ова говори фактот што во акцијата во с.Баница учествуваат регуларни османлиски воени единици, а не локалните единици. Значи акцијата не била случајна. Некој претходно ги известил властите кои имале доволно време да ги ангажираат регуларните единици. Веројатно знаеле и за „калибарот“ на личноста која ја следеле бидејќи во спротивно доколку се работело за рутинска акција би ги ангажирале полициските сили и нерегуларните единици.
2 коментари:
Првиот текст за ставот на Гоце Делчев околу одлуката за кревање востание беше полн со печатни грешки. Се обидов истите да ги исправам.
Благодарам
Interesen post, no cista beletristika. Kakva e taa istorija bez istoriski izvori?
Makedonche
Објави коментар