среда, декември 21, 2005

Света Гора

Атос или во православната екумена познат како Света Гора е источниот крак на Халкидичкиот Полуостров со површина од 360 км2. Денес таму се наоѓаат околу 20-тина манастири иако нивниот број во средниот век бил многу поголем.
Името Атос доаѓа од истоимениот митски јунак, кој според легендата, во една борба против богот Посејдон фрлил едно масивно парче карпа - чиј остаток е денешниот карпест врв на планината Атос. Според друга легенда, во битката како победник излегол Посејдон кој под врвот на планината го погребал телото на убиениот Атос – по кого целата планина и полуостров го добиле името. Според друг мит, поврзан со топономијата на Атос, богот Аполон се вљубил во Дафне, ќерка на кралот на Аркадија. Сакајќи да се засолни од настојчивиот Аполон, таа се скрила во еден залив на Атос, кој оттогаш, па до денешни дни, во нејзин спомен го носи името Дафне.

Во врска со предхристијанската историјата на Атос, историографите од класичниот период оставиле неколку сведоштва кои поради недостатокот на релевантен изворен материјал сеуште остануваат во доменот на непотврдени историски анегдоти и легенди. Првата од нив е поврзана со обидот на персискиот крал Ксеркс во 481 г. пред Ис.Хр. да прокопа канал преку Атос со цел побрзо и посигурно да ја префрли својата флота од едниот до другиот брег на полуостровот. Сепак современата наука неможе со сигурност да го потврди ова сведоштво иако некои археолози тврдат дека на теренот успеале да идентификуваат делови од ксерксовиот канал.

Втората легенда е пренесена од Страбон и Плутарх и истата е поврзана со македонскиот крал Александар III Македонски (336 – 323) и обидот на античкиот архитект Дејнократ да ја трансформира планината Атос. Според неговиот проект, во карпестата планина Атос, требало да биде исклесана грандиозна скулптура на Александар Македонски кој во едната рака држи мал населен град, а од другата негова рака да истекува река во морето како жртва леанка на боговите. Овој проект никогаш не бил реализиран најверојатно поради неговата неостварливост, но можеби и поради стравот на Александар, во тие чувствителни времиња кога Македонија им ја наметнала власта на хеленските полиси, да не предизвика дополнителни тензии и револт против македонската власт.

Она што е со сигурност научно потврдено врз основа на археолошките и историските извори е фактот дека уште во антиката Халкидичкиот Полуостров бил густо населен. Во класичниот период (V – IV век пред Ис.Хр.) таму се наоѓале повеќе грчки колонии меѓу кои со својата политичка моќ предначел Олинт. Конкретно на Атос посведочено е постоењето на пет помали населби. Почнувајќи од крајот на 50-те и почетокот на 40-те години на IV век пред Ис.Хр. Македонците почнуваат сериозно да ја загрозуваат безбедноста на халкидичките грчки колонии. Македонските војски предводени лично од Филип II (359- 336) во летото 348 г. по повеќе месечна опсада го освојуваат Олинт. Оттогаш, Атина засекогаш ги губи своите колониии на Халкидик кој станува составен дел на македонското кралство се до неговото ликвидирање од страна на Римјаните во 168 г. пред Ис. Хр. Дури по Балканските војни во 1912 г. на Халкидик била воспоставена грчка власт.

Според црковната традиција првото присуство на христијани на Света Гора се поврзува со посетата на Богородица на полуостровот. Имено, иако историската науката неможе да потврди, сепак црковната традиција соопштува дека исусовата мајка Марија е првата христијанка, која уште во средината на I век, ја посетила Света Гора. Имено, кон крајот на 40-те години на I век, додека сеуште била во Ерусалим, Марија добила писмо од Лазар (личност посведочена во евангелија, а тогашен епископ на Кипар) да дојде во негова посета. Но, коработ со кој патувала во придружба на апостолот и евангелист Јован Богослов, со божјо чудо, се нашол на бреговите на Света Гора; тогаш сеуште центар на паганските култови. Зачекорувајќи на атоско тло Богородица ги изговорила зборовите ,,Оваа планина е света земја. Отсега таа ќе биде дел од мене. Дозволете ми да останам. Заливот во кој се укотвил бродот на Богородица е денешниот залив Клементос, а пак, на местото каде што за прв пат зачекорила на атоско тло, во 980 г. бил изграден манастирот Иверион; активен до денешни дни.

Како што соопштува црковната традиција веднаш штом Богородица застанала на атоско тло, статуите на паганските богови - кои во тоа време ги имало многу на Атос – почнале да се рушат. Набрзо потоа, голем дел од локалното население меѓу кои и голем број пагански свештеници, сведоци на божјото чудо, го примиле христијанството. Целата оваа епизода, сочувана во средновековната црковна традиција, во врска со преданието за посетата на Богородица на Атос, неможе да се потврди со релевантни историски докази и сеуште предизвикува дискусии во научната јавност.

Она што со сигурност се знае е фактот дека се до средината на IV век Атос бил центар на паганските култови.

По признавањето на христијанството за рамноправна религија во Римската империја во 313 година, а посебно по едиктот на Теодосиј I од ноември 392 година со кој паганскиот култ бил забранет, а христијанството станало единствена дозволена религија, паганските светилишта на Атос постепено го изгубиле своето значење. Сега, може да се претпостави, дека според тогашната практика, на местото на паганските храмови биле изградени првите христијански светилишта. Според еднo подоцнежно црковно предание од XVI век, императорот Константин Велики лично ја посетил Света Гора при што бил ктитор на изградбата на три христијански базилики подоцна разрушени по наредба на Јулијан Отстапникот (361 – 363). Сепак и во овој случај во науката непостојат доволно историски факти кои би ја потврдиле историчноста на оваа традиција.

Она што е научно издржано е фактот дека со текот на времето, во годините по признавањето на христијанството, од центар на паганските култови, Света Гора постепено се христијанизирала. Нејзината географија била извонредно место за ,,прибежиште на христијаните монаси – анахорети кои живееле во пештери адаптирани како скитови. Иако, првите сигурни изворни податоци за монашкиот живот на Света Гора се датираат од 843 година, сепак со голема веројатност може да се тврди дека присуството на христијанските пустиножители на нејзина територија датираат уште во IV и V век. Единствено, поради недостаток на релевантни изворни податоци, тешко е да се процени нивната бројност во овој период.

Првиот сигурен изворен податок за постоењето на монашки анахоретски заедници на Света Гора се датира од 843 година и е во врска со присуството на нивни претставници на Црковниот собор во Цариград одржан истата година. Од овој период се датираат и подвизите на големите светогорски светци – Петар Атоски и Ефтимиј Солунски. Петар Атонски, црковната традиција го смета за прв пустиножител на Света Гора.

Од X век на Света Гора почнуваат да се градат манастири. Изградбата на првиот манастир на Света Гора се датира во 963 година. Тој е посветен на Св.Атанасиј Атоски , а е познат и како Велика Лавра. Дваесетина години подоцна, во 980 година бил изграден грузискиот манастир Ивирион, а, пак, во 985 година манастирот Ватопед. Подоцна, низ годините на средновековието биле изградени голем број други манастири.

Во овој најран период од историјата на светогорските манастири своја трага оставиле и монасите по потекло од Македонија. Имено, како што соопштува Сводната зографска грамота, монасите од Охрид – браќата Мојсеј, Арон и Јован од семејството Селима - во 919 година го градат манастирот Зограф на Света Гора, со активен монашки живот до денешни дни.

Впрочем мислам дека Македонија треба да ги повлече своите војници од Ирак.

2 коментари:

Анонимен рече...

колку што ми е мене познато браќата ктитори на славјаноболгарскиот манастир Зограф не биле монаси. не си се запрашал зошто тој манастир не е македонски туку болгарски? и зошто мпц нема свој манастир на света гора? и зошто никој од мпц не припарува на света гора? и зошто света гора ја поддржува Православната Охридска Архиепископија (http://www.poa-info.org/frameset.php?l=mk&r=istorija&p=&d=../arhiepiskop/prepiska/sveta_gora_19022004.html), а не комуњарската емпеце?

Анонимен рече...

колку што ми е мене познато браќата ктитори на славјаноболгарскиот манастир Зограф не биле монаси. не си се запрашал зошто тој манастир не е македонски туку болгарски? и зошто мпц нема свој манастир на света гора? и зошто никој од мпц не припарува на света гора? и зошто света гора ја поддржува Православната Охридска Архиепископија (http://www.poa-info.org/frameset.php?l=mk&r=istorija&p=&d=../arhiepiskop/prepiska/sveta_gora_19022004.html), а не комуњарската емпеце?