петок, ноември 06, 2009

Учеството на епископите од Македонија на Вселенските и помесни собори во IV век


Во 325 година во Никеја се одржал Првиот Вселенски Црковен Собор. Меѓу учесниците на овој Собор тројца биле од Македонија: епископите Александар од Солун, Будиос од Стоби и Дакус од Скупи. Учеството на македонски епископи на Првиот Вселенски Собор е факт кој сам по себе укажува на значителниот степен на развој на црковната организација во Македонија во првата половина на IV век.

Епископи од Македонија присуствувале на сите поважни црковни настани организирани во наредниот период. При осветувањето на црквата во Ерусалим во 335 г. присуствувале македонски епископи, најверојатно предводени од Александар, епископот од Солун.
Од особена важност за натамошниот развој на вселенската Црква биле одлуките донесени на Соборот во Сердика од 343 г. каде присуствувале деветмина македонски епископи. Тоа биле епископите Евгариј од Хераклеја Линкестис, Зосим од Лихнидос, Аециј од Солун, Басус од Диоклетијанопол, Порфириј од Филипи, Јонас од Партикопол, Паладиј од Дион, Геронциј од Бероја, како и Парегориј од Скупи.

На Вториот Вселенски Собор во Константинопол во 381 г., со сигурност е посведочено присуството на епископот Ахолиј од Солун. Тој уште се спомнува како примател на две писма од римскиот папа Дамас И датирани во 381 година, а учествувал и на Синодот во Рим во 382 година. Солунскиот епископ Ахолиј уживал полн углед пред императорот и сред останатиот христијански свет ширум Империјата. Во времето на овој епископ, Солун, и понатаму, продолжил да претставува едно од најугледните епископски седишта.



линкови за симнување на целиот текст на статијата во пдф формат:


* Учеството на епископите од Македонија на вселенските и помесни собори во IV век

Бигорскиот манастир: Мост за разбирање

Со модерен речник кажано постои нераскинлив линк односно врска меѓу Бигорскиот манастир и неговите монашки братства, од една, и културната историја на нашиот народ од друга страна. Низ вековите, монашките братства од Бигорскиот манастир оставиле силен белег врз историско – културната традиција и свест на населението кое живеело на тие простори и пошироко во Македонија

Она што Бигорскиот манастир го прави посебен е почитта кон истиот не само од македонското православно население, туку можеби многу повеќе и од страна на локалното население со исламска вероисповед. Таа традиција на верска толеранција и почит кон Бигорскиот манастир од страна на муслиманското население најдобро се огледа во локалната легенда која соопштува дека во 16тиот век, некој бег од Албанија дошол во манастирот на поклонение. Наредната година тој добил син и во слава на Свети Јован – заштитникот на манастирот – голем дел од својот имот му го подарил на монашкото братство. Тој ветил дека ќе праќа во манастирот од маслиновото масло кое што се произведувало на неговиот имот. И ако денес ги прашате локалните жители од тој крај, кои се претежно муслимани, ќе ви одговорат дека на имотот на бегот сеуште постои табла на која е испишано името на светецот.

Имајќи го ова во предвид со полно право може да се каже дека Бигорски е подеднакво почитуван од населението со христијанска и исламска вероисповед, и оттука пример за верска толеранција, мост за разбирање меѓу двете конфесии

Оваа несреќа што се случи со опожарувањето на дел од манастирот не е непозната за историјата. Таа познава слични, па дури и уште поголеми несреќи и искушенија кои биле надвиснати над Бигорскиот манастир. Основан од страна на монахот Јован во 1020тата година, во 16 век манастирот бил разрушен од страна на Османлиската власт и целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил ѝ првиот игумен на Бигорскиот манастир во „условно кажано“ поново време. Ако го имаме на ум римското: Historia magistra vitae est тогаш убеден сум дека и ова ново искушение ќе биде многу брзо надминато и дека од него ќе ги извлечеме потребните поуки.

И сосема на крајот да не заборавиме дека историската зрелост на една нација се огледа во нејзината свест за културното наследство, во кое секако централно место има и Бигорскиот манастир. Тоа е клуч со чија помош може да се отворат вратите на свеста на еден народ и неговите институции.

сабота, март 07, 2009

Великомаченичката Ирена: Првиот христијански маченик од Македонија

Св.ИринаПрогоните против христијаните од страна на римската власт, кои започнале во времето на императорот Нерон и со извесни прекини траеле се до Миланскиот Едикт во 313 г. кога христијанството било признато за рамноправна религија во Римската Империја, повеќе или помалку, ги засегнале христијанските црковни општини на целата територија на Римската Империја вклучувајќи ги оние во Македонија.

За прв христијански маченик од Македонија се смета Великомаченичката Ирена (Ирина) која живеела кон крајот на I век. Како што соопшува анонимниот автор на нејзиното житие, Ирена пред да го прифати христијанството го носела името Пенелопа и потекнувала од благородничко семејство; Татко и Ликиниј бил управник на градот Мигдонија кој се наоѓал во Македонија.

Според црковната традиција Ирена била покрстена лично од Тимотеј, ученикот на апостолот Павле и придружник за време на првото и третото патување на Апостолот во Македонија, а подоцна лично од Павле поставен за епископ на Ефес, на која функција останал се до неговата смрт. Покрстувањето на Ирена од страна на Тимотеј се датира за време на првото или третото патување на Павле во Македонија кога Тимотеј единствено  имал можност лично да ја покрсти Ирена.

Она што збунува во врска со сето ова е фактот, дека, иако се работи за голема и важна светица, сепак, во Новозаветните текстови, во делот каде што сведочат за ширењето на христијанството во Македонија, воопшто не се споменува нејзиното покрстувањето од страна на Тимотеј. Меѓутоа тоа не значи дека податокот во нејзиното Житие не е точен. Напротив, Ирена не е спомната во Делата на светите апостолите зашто во време кога ,,Делата” биле напишани од страна на евангелистот и апостол Лука, Ирена сеуште била млада и непозната за авторот – една од мноштвото христијански преобратеници во Македонија. Во прилог на оваа претпоставка оди фактот дека во Делата на светите апостолите поименично се спомнати само повидните членови на новоформираните христијанските општини во Македонија, додека пак останатите христијански преобратеници (конвертити), меѓу кои била во тоа време сеуште младата Ирена, поради нивната голема бројност не било можно сите поименично да бидат спомнати во текстот.

Веднаш по примањето во христијанските редови Ирена започнала соикона нејзината проповедничка дејност најпрво меѓу мнозинското паганско население во градот Мигдонија и во неговата околина. Како што соопштува авторот на нејзиното житие благодарение на нејзината мисионерска дејност, а потпомогната од локалниот христијански свештеник Апелијан, во редовите на христијанската Црква биле примени нови 3.000 верници. Набрзо нивниот број се искачил на околу 10.000 христијани. Ова е уште еден податок кој оди во полза на претпоставката дека христијанството многу брзо и речиси незапирливо се раширило во сите делови на Македонија.

Соочен со ваквиот голем подем на христијанското учење сред жителите на Мигдонија, римската власт, на чело со новиот градски управник Седекиј, превзела енергични мерки против повидните членови на локалната црковна заедница. Како резултат на ова властите успеале најпрво да го уапсат Апелијан, а потоа и Ирена.

Останувајќи непоколеблива во христовата вера Ирена одбила да им жртвува на римските богови, што било причина да биде изложена на жестоко измачување. Според нејзиното житие, таа најпрво била фрлена во ископана јама полна со змии отровници, но откако останала неповредена Седекиј ја изложил на дополнителни измачувања. Издржувајќи ги храбро и достоинствено сите маки на кои била подложена, иако не се кажува како и под кое образложение, Ирена била ослободена од затворот, ја напуштила родната Мигдонија и заминала во градот Калиполис, каде продолжила да го проповеда христовото учење.

Тоа била причината што Ирена повторно била уапсена од страна на тамошната римска власт на чело со Бабадонос кој ја извршувал функцијата управник на Калиполис. Тој ја подложил Ирена на нови измачувања, меѓутоа восхитен од нејзината храброст Бабадонос и самиот поверувал во христовото учење и според црковната традиција заедно со голем број на нови верници бил воведен во христијанството.

По успехот во Калиполис, Ирена ја продолжила својата мисионерска дејност во другите приморски тракиски градови меѓу кои се спомнува Месембрија.

Според преданието таа се упокоила во градот Ефес кон крајот на И или можеби почетокот на II век.


следува краток видео клип од внатрешноста на црквата посветена на Великомаченичката Ирена која се наоѓа во Станбол

 

 

 

 

 

понеделник, февруари 23, 2009

Св.Недела - Марков град (Матка)


Загледувајќи се високо на врвот од карпите над црквата Св.Андреја (планинарскиот дом – Матка) ќе забележите крст, а веднаш под него остатоци од средновековна градба. Станува збор за црквата Св.Недела која се наоѓа во рамките на локалитетот познат како Марков град. Археолозите откриле дека Марков град е всушност средновековно утврдување со мала црквичка.

Со сигурност се претпоставува дека црквата Св.Недела била изградена во средината на XIV век. Единствено се води полемика околу карактерот на ова утврдување. Постојат, главно, две претпоставки: според првата, Марков град во средниот век претставувал утврден манастирски комплекс со црква и конаци; и втората претпоставка вели дека Марков град бил утврдена населба со благородничка црква. Според поддржувачите на последната теорија, тука живеел благородникот Бојко, господар на Матка, а спомнат и како ктитор на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (Манастир Матка).

Меѓутоа, речиси секогаш, наспроти историските факти стои по некоја легенда или митско предание. Во случајов тоа е легендата за убавата Бојана. Имено, ако ги прашате жителите на селото Матка за Марков град, сите до еден ќе ви ја раскажат легендата за Бојана:
Бојана, според легендата, била прекрасната господарка на Марков град. Таа живеела и управувала со градот, меѓутоа нејзините чифлизи достигнувале се до селото Бојане. И обично како што бива во легендите од османскиот период, во Бојана се вљубил некој локален Османлија. Одбивајќи ја брачната понуда и „потурчувањето“ Бојана станала мета на неговиот бес. Собирајќи голема војска, насилникот ја нападнал Бојана која се утврдила во Марков град. Во борбата Бојана убила дури 70 османлии, ама сепак, кога видела дека се е залудно и дека ќе мора да биде насилно одведена во харемот на зулумќарот, таа скокнала од карпата во реката Треска. Веднаш потоа Османлиите го разурнале градот.

понеделник, февруари 16, 2009

Св.Богородица - Матка


Кањонот Матка во себе крие една мала Света Гора. Укрепени од вољата Божја, низ вековите, на Матка опстојувале повеќе манастири, цркви и монашки скитови: Св.Богородица, Св.Андреја, Св.Никола, Св.Спас, Св.Тројца, Св.Недела... Тие се „живи“ сведоци за длабоко вкоренетото монаштво предание на овој простор.

Токму тука, на левиот брег на реката Треска, во XIV век, или поточно околу 1337 година е подигнат манастир со црква посветена на „Успение на Пресвета Богородица“; Денес популарно познат како „манастир Матка“.

Црквата е ѕидана од камен и тула, во вид на крст и со едно кубе на средината од кровот. Меѓутоа, уште на прв поглед, на фасадата од манастирската црква може да се забележат остатоци од постар црковен објект употребени како секундарен градежен материјал при нејзината изградба. Па затоа, со право, се претпоставува дека црквата е подигната врз остатоци од ранохристијански храм.

Се претпоставува дека црквата ја изградил Бојко, син на се уште недоволно, историски, познатата, властелинка Даница, и воедно господар на Матка.

Цели 160 години подоцна, во 1497 година, во времето кога Османлиите цели 100 години се во Македонија, извесна г-ѓа Милица ја затекнала црквата без кров; ја препокрила; живописала; ја подигнала припратата и купила лозје подарувајќи го на манастирот. Ова го дознаваме од натписот над влезната врата во кој, уште, се спомнуваат нејзиниот покоен сопруг Тошинко, синот Никола, но и тогашниот митрополит г.Атанасиј.

Влегувајќи внатре во црквата, речиси нема никој кој останал рамнодушен. Фигури на светци во цел раст, маченици насликани во медаљони, композиции од Христовите страдања и секако Големите празници. Во олтарниот простор, пак, се препознаваат ликовите на сесловенските учители Св.Кирил и Св.Климент.

Што се однесува до денс видливите конаци, тие се изградени во 1886 година, а поправани и доправани во годините кои следеле, се до денес.

Во дворот на манастирот е и параклисот изграден во 2000 година. Неговата архитектура ги содржи вековните традиции на градба. Токму тоа овозможува параклисот прекрасно да се вклопи во целиот манастирски комплекс без да биде нарушен оригиналниот лик на манастирот. Истото важи и за камбанаријата изградена во наши дни, во дворот на манастирот.

понеделник, февруари 09, 2009

Александрија на реката Окс (Ai Khanum)

Еден од највпечатливите археолошки локалитети во Авганистан е Ai Khanum, место каде што е убициран античкиот град Александрија на реката Окс (денешна Аму Дарја). На 4945km од Рим и 4070km од Атина, се уште се води полемика кој го изградил градот. Според едни тоа е Хефастион, блискиот пријател на Александар Македонски, а, пак според други, градот е основан нешто подоцна, во периодот меѓу 305 – 293 година кога на тие простори управувал Селеук I.

Локалитетот е пронајден сосема случајно во 1961 година, кога авганистанскиот крал Мохамед Захир бил на лов во тој дел од земјата. Пронаоѓајќи неколку расфрлени делови од антички столбови, кралот, кој бил добро образован човек, претпоставил дека станува збор за вреден антички локалитет. Затоа, неколку месеци подоцна повикал француски археолози да почнат со ископувања на локалитетот. Уште при првите археолошки истражувања бил најден археолошки материјал, исклучително вреден и значаен, кој упатил на претпоставката дека станува збор за голем антички град, важен центар во тој дел од Авганистан.

Сепак, најголемите археолошки откритија, биле направени во периодот од 1965 до 1979 година кога на чело на археолошкиот тим бил именуван францускиот археолог Пол Бернард. За време на археолошките ископувања под негово раководство биле пронајдени голем број исклучително важни археолошки артефакти. Меѓу нив е фрагментарно сочувано стапало со импозантни димензии, според кои, со голема веројатност, може да се претпостави дека статуата на која припаѓало била висока 5 до 6 метри. За голема среќа, на пронајденото стопало стои натписот „Ѕевс громовникот“ и оттука се претпоставува дека статуата всушност била на богот Ѕевс, поставена како дел од влезот на еден голем антички храм.

Освен антички храм, на локалитетот се пронајдени антички театар кој собирал околу 6.000 гледачи, потоа гимназион (еден од најголемите досега пронајдени), како и голем број на стамбени и деловни објекти. Од нив особено е впечатлив административниот комплекс на објекти од кои со својата монументалност се издвојува Палатата која најверојатно припаѓала на управникот на градот. Во објектите пронајдени се и голем број на мозаици со најразлични претстави, почнувајќи од македонското сонце, делфини, риби и сл.

Од сите овие пронајдени артефакти, со својата убавина плени плочката на која е претставена фригиската божица Кибела качена на двоколка со впрегнати лавови. Оваа плочка археолозите ја датираат во 2 век пред Христа.

Целиот овој пронајден археолошки материјал говори само едно: градот бил мошне важен трговски, стопански и културен центар. Неговото богатство пред се се должело на фактот што се наоѓал на извонредно важно стратегиско место на т.н. Пат на свилата, како и на фактот што градот ја контролирал трговијата со лапис лазурит, еден од најценетите полудраги камења во антиката од кои се добивала скапоцена боја.

Интересно е дека во времето на бактрискиот крал Евкратид I (170 – 145) градот најверојатно бил преименуван во негова чест и го добил името Евкратидија. Во 135 година пред Христа бил ограбен од номадски скитски племиња кога всушност и престанува да постои како градска населба.


Денес, локалните Узбеци, местото го нарекуваат Ai Khanum што на нивниот јазик значи „лице на месечината“, односно „Дама (госпоѓа) Месечина“, „Месечева Дама“. Називот потекнува од локалното верување дека погледнато од локалитетот, се гледа лице на жена на месечината. Којзнае, можеби во ѕвездените ноќи со полна месечина, навистина се гледа отсјајот од лицето на некоја дама од некое дамнешно времe.


четврток, февруари 05, 2009

Манастирот Св.Никола Шишевски


Наспроти црквата Св.Андреја, од другата страна на езерото Матка, се наоѓа средновековната манастирска црква Св.Никола. Според анализата на најстарите сочувани фрески, црквата најверојатно била изградена и живописана во втората половина на 14 век. На фасадата се препознаваат неколку сполии т.е. камени делови, остатоци од антиката, а употребени како градежен материјал при изградбата на црквата. Се претпоставува дека истите припаѓале на антички храм т.е. светилиште кое се наоѓало во близината. Денес видливиот фрескоживопис се датира во 1630 година.

Според сочуваните изворни податоци се дознава дека манастирот за време на 15 и 16 век претставувал силен и активен културен центар во околината на Скопје. Зачувани се имињата на тројца игумени на манастирот: Јаков, Самоил и Венјамин. Од нив особено активен е првиот, Јаков, кој управувал со манастирот од 1630 до 1645 година. Во негово време црквата била одново живописана, биле купени значителен број книги за потребите на манастирот и бил купен крст за олтарната преграда. Кон крајот на 19 век, како што соопштуваат изворните податоци, како резултат на се позачестените напади на локалните арнаутски банди, манастирот целосно запустел.

Денес, манастирот Св.Никола Шишевски претставува едно од најубавите места на Матка.